По обвинувањата против Европската комисија за „укинување на Божиќ“, италијанските конзервативци го насочија својот гнев кон нова цел: Европскиот парламент. Причината е продажбата на лажни производи „во италијански стил“ во супермаркет во рамките на парламентарните простории во Брисел.
Поради сосови за тестенини со италијанското знаме, делегацијата на партијата „Браќа на Италија“, предводена од премиерката Џорџа Мелони, објави официјално писмо до претседателката на парламентот, Роберта Мецола, обави „Еуроњуз“.
Во изјава за „Еуроњуз“ шефот на делегацијата „Браќа на Италија“, Карло Фиданца, се осврна на регулативите на ЕУ кои забрануваат заведувачко рекламирање, пренесе хрватски „Индекс“.
„Несоодветната употреба на симболи или референци за италијанскоста на производи што не потекнуваат од Италија може да претставува заведувачка практика и затоа да биде предмет на кривично гонење“, рече тој.
Целиот случај беше поттикнат од објава на „Фејсбук“ од италијанскиот министер за земјоделство, Франческо Лолобриџида. Тој објави фотографии од контроверзните сосови произведени во Белгија, кои на етикетите го имаат италијанскиот триколор и имиња што звучат италијански, вклучувајќи го и познатиот сос карбонара. „Побарав веднаш да се покрене истрага“, напиша Лолобриџида.
„Еуроњуз“ потврди дека спорните сосови навистина се наоѓаат на полиците на парламентарниот супермаркет. На етикетите не пишува дека производот е направен во Италија, туку само дека некои од состојките доаѓаат од таа земја, што било искористено како оправдување за истакнување на италијанското знаме.
Самиот рецепт за „карбонара“, кој содржи павлака за готвење и панчета, е дополнителна сол во раната за Италијанците. Ова е светогрдие за пуристите, бидејќи оригиналниот рецепт бара гуанчале, сушени свински образи, и воопшто не вклучува павлака, но тоа не беше главниот приговор на министерот Лолобриџида.
Овој инцидент е најновиот во серијата „кулинарски крстоносни походи“ предводени од партијата на италијанската премиерка Мелони. Тие претходно ја критикуваа употребата на термини како „бургер“ или „колбас“ за производи од растителна основа, а Италија дури донесе закон со кој се забранува производство и продажба на месо одгледано во лабораторија.
Ова не е прв пат министерот Лолобриџида да привлече внимание со своите изјави.
Пред две години, тој предизвика негодување тврдејќи дека „во Италија, сиромашните јадат подобро од богатите“. Готовите сосови во тегли генерално се неодобруваат во Италија, чиј народ се гордее со традиционалните рецепти и висококвалитетните, свежи состојки.
Колку се чувствителни Италијанците во врска со нивната кујна беше демонстрирано во септември минатата година, кога американскиот производител „Хајнц“ објави конзервирана „карбонара“. Ова предизвика национален протест, а истакнати готвачи со „Мишелин“ ѕвезди, како што е Алесандро Пајпер, го нарекоа производот толку одвратен што е како „храна за мачки“.












