Партија на пензионери: Ќе продолжиме со пристапувањето кон коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ

219

Партијата на пензионери почитувајќи ја вољата на огромното мнозинство на своето членство и легитимно донесените одлуки на сите органи на партијата, останува на својот став и ќе продолжи со активности за пристапување кон коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ за претстојните локални избори, соопшти оваа партија.

До соопштението доаѓа откако дел од партиското раководство се спротивстави на ваквата одлука која неодамна ја донесе Извршниот и Централниот одбор на партијата која досега беше дел од коалицијата предводена пд опозициската СДСМ. За денеска во 11 часот е закажана седницата на партискиот Извршен одбор на која ќе се расправа за истапот на двајцата партиски потпретседатели.

– Одлуките во Партијата на пензионери се донесуваат на крајно демократски начин а во согласност со сите правни документи на партијата како што помеѓу другото се Програмата и Статутот на партијата. На ваков начин беше донесена и Одлуката за евентуално пристапување во коалиција со ВМРО – ДПМНЕ за претстојните локални избори, а на предлог и одлуки донесени во сите општински организации на ПП (Центар, Карпош, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Куманово, Штип, Делчево, Берово, Прилеп и сите други). Овој предлог беше разгледан и со огромно мнозинство (преку 90%) од присутните делегати одобрен на годишната седница на Централниот одбор на партијата одржана на 14.06.2025 г., а потврден на состанокот на Извршниот одбор на партијата одржан на 01.07.2025 г., настани на кои присуствуваа и лицата од прес конференцијата – се наведува во соопштението.

Во него се додава дека вољата на огромното мнозинство на членовите на партијата и на сите Општински организации на ПП се единствената водилка која мора да се почитува во сите дејствувања на Партијата на пензионери.

– Ставот на оваа група на лица за наводното нелогично преминувањето преку постоечките разидувања во идеологијата со евентуалните коалициони партнери со програмата на Партијата на пензионери, е дефинитивно нелогично со оглед дека во сржта на идеологијата на ПП се самите пензионери и нивната добросостојба за која и до сега како и од сега, единствено ќе се грижи партијата. Изјавата од прес-конференција, дека одлуката на Извршниот одбор за отпочнување коалициска соработка со ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива, поради голем број критики, разочарување и револт меѓу членството, дефинитивно е многу произволна, паушална и неточна со оглед дека во изминатиот период немало никакви формални и неформални поплаки или изјави на револт и разочарување од членовите на партијата во било каква форма. Малку е и „симптоматична“ самата прес конференција затоа што никој од оваа мала група на незадоволни лица, функционери од партијата, не изразија демократска зрелост и доблест да во рамките на партиските органи а и во рамките на нивното делување или поточно речено неделување на терен во општинските организации не го презентираа својот концепт со претставување на аргументи и тези за кое би се изјаснило самото членство на партијата во рамките на донесување на конечните одлуки за иднината на делувањето – се додава во соопштението.

Во него се порачува дека на лицата во оваа мала група на незадоволни функционери во Партијата на пензионери (а кои и сега се наоѓаат на функции како општински советници во повеќе мандати, директори на пензионерски домови, а биле и советници во разни министерства во Владата, директори на Управа за прашање на борците и воените инвалиди) во иднина пред се им посакуваат добро здравје и успешно делување во сите нивни активности.

-Им порачуваме да и понатака единствена водилка во било какво политичко ангажирање им биде огромната пензионерска популација во земјата. Секако не би сакале да се сомневаме дека во позадина на оваа прес конференција стојат било какви единствени лични пориви и причини или можеби и нешто друго. Исто така им предочуваме на сите политички субјекти во земјата дека евентуалните разговори и пристапувања на лицата од оваа мала група на лица (помеѓу кои има и такви кои не се членови на ПП) ќе претставува нивно поединечно пристапување и дека истото ќе нема никакви конекции и можни реперкусии кон Партијата на пензионери – се потенцира во обраќањето. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ