Во тек е партерно уредување околу објектот на спортската сала во Куманово.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека работите продолжуваат до целосна реконструкција на објектот, кој го нарече „градска убавица“.
– Следува поставување на комплетно нов систем за греење и ладење, како и фотоволтаици – најави Димитриевски.
Станува збор за проект за кој Општина Куманово аплицираше на вториот владин повик за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти. Од вкупно 27 проекти, едниот се однесува за партерно уредување, реконструкција на спортска сала и изградба на систем за ладење и греење, како и за електрика, фотоволтаици, реконструкција, односно изградба на фотоволтаичен систем на спортската сала.
За партерно уредување, како што е наведено во електронскиот систем за јавни набавки, се одвоени над 17,6 милиони (17.622.823,28) денари со данок на додадена вредност. На почетокот од јануари, годинава, е избрана фирма и за термотехнички инсталации и опрема (ладење и греење). За оваа намена се одвоени повеќе од 52,8 милиони денари (52.884.457,66).
Реконструираната сала беше промовирана на втори август, лани, со кошаркарски натпревар. Реконструкцијата на салата чинеше нешто повеќе од 121 милион денари или околу 2 милиони евра, а дополнителни 550 илјади евра беа обезбедени преку Североисточниот плански регион.
Реконструкцијата на салата опфати замена на покривот со изолација, изработени се нови епоксидни подови, обновени се сите санитарни јазли, реконструирана е фекалната и атмосферската канализација.
Освен тоа, целосно е реконструирана боксерската сала и изградена е стрелана за спортска стрелба. Салата располага и со нови соблекувални, вежбалница и современ систем на осветлување, нов семафор, трибини.
Салата сега, согласно со стандардите на ФИБА, има капацитет од околу 3.200 до 3.300 седишта.
Спортската сала во Куманово е изградена пред четири и пол децении и е една од најубавите затворени сали во државата и пошироко.












