– Траумата (општествена и индивидуална) е главната тема на романот, а се занимавам и со прашањата за загубата и повторувањето на истите болни ситуации. Инспирацијата ја црпев од нашето секојдневие. Толку е болно и толку е реално што, ако сум искрена, кога би можела, никогаш не би го напишала овој роман ако немаше потреба да биде напишан и ако постоеше можност да не се случи сето тоа. Но, ова е и роман за простувањето, за учењето да се излезе од магичниот круг – вели писателката Фросина Пармаковска, годинашната добитничка на наградата „Пегаз“, за романот „Кривата Дијана“
– Во сите мои романи досега е присутна нашата реалност, но во „Кривата Дијана“ најдиректно се занимавам со вистинските случувања околу нас. Во ова дело судбините на ликовите целосно зависат од реалноста, таа е присутна во нивните трауми. Всушност, траумата (општествена и индивидуална) е главната тема на романот, а се занимавам и со прашањата за загубата и повторувањето на истите болни ситуации. Инспирацијата ја црпев од нашето секојдневие. Толку е болно и толку е реално што, ако сум искрена, кога би можела, никогаш не би го напишала овој роман ако немаше потреба да биде напишан и ако постоеше можност да не се случи сето тоа – кажа писателката Фросина Пармаковска, годинашната добитничка на наградата „Пегаз“, за романот „Кривата Дијана“, на завчерашната промоција во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во присуство на голем број љубители на пишаниот збор.
Таа посочи дека она што се случува во нашата земја последниве години многу влијаело на неа.
– Нема подобар материјал од она што го живееме. Можеби, истражував и помалку отколку за другите романи, затоа што овој го зедов директно од изворот. Нема посоодветен човек да ја опише колективната болка и траума од оној што реално ја живее и ја гледа секој ден, со години и со децении. Грешка, несреќа, трагедија, траума, вина – тука е суштината на романот – додаде Пармаковска.
Во книгата, таа ги поставува прашањата: Зошто ни се случува ова? Зошто нам? Зошто токму сега? Зошто повторно?
– Но, ова е и роман за простувањето, за учењето да се излезе од магичниот круг. Секогаш сакам да има надеж во моите романи. Без верба дека ќе биде подобро, што би бил животот? Дијана се соочила со траума многу млада, живеела со очај и гнев, но научила да простува. Научила да живее со она што го донел животот, а вербата и надежта ја водат кон надминување на болката. Поуката е дека мора да научиме да ги прекинеме циклусите на грешки и трауми. Затоа романот го завршувам со доза надеж дека навистина може да стане подобро – откри таа.

Кон наградата и победничкиот роман се осврнаа Иван Додовски (професор, писател, книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс ламина“), кои беа дел од жири-комисијата.
Додовски ја поткрепи својата одлука со следново образложение: „Следејќи ја личната приказна на неименуваниот наратор, за кого уште од првите страници добиваме назнака дека поминува низ некаква траума, го следиме формирањето на синџирот на заедничката траума, кој го создаваат индивидуалните постапки, премолчувањето, инертноста, пасивноста и резигнираноста. Во овој роман, напишан со длабоко понирање во душата, со непретенциозна религиозна нота и со интроспекција на внатрешните немири, препознаваме траги од творечката преокупација на Достоевски, кај кого вината е најчесто морално-духовна и онтолошка и која не е ограничена на личниот чин, туку се пренесува во сферата на меѓучовечката и на космичката одговорност. Иако романот содржи суптилна критика на политичката моќ, претставена преку персонифицираниот ’систем‘ како нешто отпорно на промени и суверено, сепак тоа не ја компромитира неговата книжевна вредност, напротив, од него прави книжевна тема“.
Бендевска, пак, истакна: „Од самиот почеток чувствуваме дека неименуваниот наратор сака да зборува за својата несреќа, прв чекор кон соочувањето со траумата. Сè уште не знаеме што го мачи, но ја чувствуваме неговата тежина, неговата заблудена потрага по смислата и обидот да ја пронајде утехата во книжевноста, токму кај Достоевски. Низ неговото ноќно талкање ги гледаме промените во надворешниот свет, кои болно нè асоцираат на нашето секојдневие – свет што се менува побрзо отколку што можеме да го разбереме. Заплетот почнува со појавата на кривата Дијана, лик што станува клучниот ‘тригер’ што го расветлува целиот механизам на романот. Со нејзиното влегување во приказната почнува вториот дел, во кој нараторот, веќе млад маж, се обидува да се избори со големата лична загуба: смртта на неговата свршеница во автобуска несреќа. Преку оваа структура, романот мајсторски ја истражува личната и колективната траума, начинот на кој ја носиме болката и обидите да излеземе од нејзиниот круг“.
Тие посочија дека одлуката за наградата е донесена едногласно.
Инаку, ракописот „Кривата Дијана“ (Роман за верижната вина) е книга на актуелниот момент, кој трае повеќе од три децении во мерливо време, а многу подолго кога се мери со кантарот на погрешните постапки на секој член на заедницата. Ова е четиво за колективната несреќа што ја перпетуира верижната вина на секој од нас што премолчел, потклекнал и превидел кога требало да се испречи пред туѓите човекови слабости.












