Конзервативниот премиер на Тајланд прогласи победа на парламентарните избори во недела, а локалните телевизиски анкети покажуваат дека неговата партија ќе освои големо мнозинство места во парламентот.
„На добар пат сме да ги добиеме изборите“, изјави Анутин Чарнвиракул пред новинарите во седиштето на неговата партија во Бангкок, пренесе „Хина“.
„Денешната победа им припаѓа на сите Тајланѓани, без оглед на тоа дали гласале за нас или не“, додаде тој, додека неговиот реформистички ривал го призна поразот.
Официјална потврда на резултатите од изборите се очекува за неколку недели.
Тајланд се карактеризира со голема политичка нестабилност. Анутин, третиот премиер за две години, распиша предвремени избори во декември додека Тајланд беше вмешан во вооружен граничен спор со соседна Камбоџа.
Ова беше втор излив на насилство по должината на границата долга околу 800 километри за исто толку месеци, што делумно произлезе од долгогодишната нерешена гранична линија. Од крајот на декември е во сила кревок прекин на огнот.












