Казахстан започнува со подготовките за обемна парламентарна реформа, која претставува клучна фаза во процесот на политичка модернизација на земјата. Претседателот Касим-Жомарт Токаев на првиот состанок на работната група за реформа на парламентот го нагласи стратешкото значење на процесот, кој предвидува премин од дводомен во еднодомен парламентарен систем, со задржување на централната улога на претседателскиот систем.
На состанокот, одржан на 14 овој месец, Токаев ја опиша реформата како „исклучително важна и предизвикувачка задача што директно влијае врз судбината на нацијата и народот“. Тој потсети дека оваа иницијатива беше најавена во неговото септемвриско обраќање до нацијата и претставува дел од пошироките политички и социоекономски трансформации што се спроведуваат во земјата.
-Планираниот премин кон еднодомен Парламент го отсликува и внатрешниот политички развој и глобалните трендови, бидејќи две третини од земјите во светот имаат ваков парламентарен систем, рече претседателот.
Темелна уставна промена
Токаев предупреди дека реформата не смее да се спроведува избрзано, бидејќи ќе бара измени на речиси 40 членови од Уставот, како и усогласување на повеќе од 60 закони и правни кодекси – процес кој, според него, може да се спореди со усвојување нов Устав.
Според претседателот, реформата нема да биде само формално укинување на Сенатот, туку темелна трансформација на целокупниот систем на претставничка власт. Таа ќе се води од принципи на еволутивност, национален интерес и тековни општествени потреби. Тесно поврзана со економските, социјалните и технолошките промени, реформата ќе вклучува и дигитална компонента – воведување на т.н. е-Парламент, кој ќе го направи законодавниот процес поефикасен и подостапен за граѓаните.
Професионализам и инклузивност
Токаев подвлече дека успехот на реформата ќе зависи од професионалноста на пратениците. Формирањето на Парламентот преку партиски листи ќе обезбеди квалификувани кадри, а повеќепартискиот систем ќе овозможи конструктивен дијалог фокусиран на одговорност и експертиза, наместо на популизам.
Во заклучокот, тој ги повика членовите на работната група – составена од претставници на Парламентот, Владата, претседателската администрација, правни експерти, академици и јавни личности – да работат со високо ниво на одговорност и транспарентност.
-Сите предлози доставени преку платформите е-Отиниш и е-Гов мора да бидат темелно разгледани. Како праведна држава, мораме да го слушнеме гласот на секој граѓанин кој придонесува за општото добро, заклучи Токаев.