Париз, Лондон и Берлин започнаа механизам за повторно воведување санкции на ОН врз Иран

117

Франција, Велика Британија и Германија денес започнаа механизам што овозможува повторно воведување на санкциите на Обединетите нации врз Техеран поради неговото непочитување на своите нуклеарни обврски, се вели во писмо до Советот за безбедност што го виде АФП.

Трите земји, европски членки на Советот за безбедност, сакаат да го информираат телото на ОН дека проценуваат, врз основа на фактички докази, дека Иран значително не ги почитува своите обврски според нуклеарниот договор од 2015 година.

Затоа тие се повикуваат на механизам познат како „snapback“, кој предизвикува 30-дневен процес за повторно воведување на цела низа санкции суспендирани пред десет години, се вели во писмото.

Европејците се закануваат со ова со месеци, а активирањето на механизмот доаѓа неколку недели пред неговото истекување и во време кога дипломатијата е во застој, како и неколку недели по израелското и американското бомбардирање на иранските нуклеарни објекти.

Преговорите меѓу САД и Иран се во застој, соработката на Техеран со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која ја надгледува неговата нуклеарна програма, е ограничена, а разговорите меѓу Иран и Европејците не дадоа никакви резултати.

Трите европски земји, познати како Е3, ќе го искористат целосно 30-дневниот период за да се обидат да најдат договорено решение и да избегнат повторно воведување санкции, додадоа во писмо тројцата министри за надворешни работи, Жан-Ноел Баро за Франција, Дејвид Лами за Велика Британија и Јохан Вадефул за Берлин.

„Нуклеарната ескалација на Иран не треба да продолжи. Оваа мерка не означува крај на дипломатијата“, напиша Баро на мрежата X.

Иран вети дека ќе одговори на „неоправданата и нелегална“ одлука на Европејците, соопшти иранското Министерство за надворешни работи по телефонскиот разговор меѓу иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и неговите колеги од Франција, Германија и Велика Британија.

Советот за безбедност на ОН соопшти дека ќе одржи итен состанок зад затворени врати во петок за да активира механизам за повторно воведување санкции врз Иран поради неговата нуклеарна програма, изјавија денес дипломатски извори за АФП. Средбата ќе се одржи во 10:00 часот (16:00 часот по средноевропско време) на барање на Франција и Велика Британија, соопштија изворите.

ИЗДВОЕНИ