вторник, февруари 24, 2026
Дома СВЕТ Париз и Лондон сакаат да го опремат Киев со нуклеарна бомба, тврди...

Париз и Лондон сакаат да го опремат Киев со нуклеарна бомба, тврди Москва

183

Руската служба за надворешно разузнавање – СВР наведува дека Франција и Британија веруваат дека Украина треба да биде снабдена со таканареченото „Nüendernjaffe“, германски термин за „чудотворно оружје“. Се наведува дека Киев би можел да се стреми кон поповолни услови за прекин на непријателствата ако поседува нуклеарна или барем таканаречена „валкана бомба“. СВР има информации дека Лондон и Париз активно работат на снабдување на Киев со такво оружје, како и со средства за негова испорака, што вклучува таен трансфер на релевантни компоненти, опрема и технологии од европско производство, за да изгледа дека таа бомба да е развиена од Украина

Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) тврди дека Париз и Лондон активно работат на обезбедување нуклеарна бомба за Киев. Според соопштението од прес-службата на СВР, британската и француската елита не сакаат да го прифатат поразот во Украина, пишува руската агенција ТАСС.

Според руската служба, Франција и Британија веруваат дека Украина треба да биде снабдена со таканареченото „Nüendernjaffe“, германски термин за „чудотворно оружје“. Во соопштението се наведува дека Киев би можел да се стреми кон поповолни услови за прекин на непријателствата ако поседува нуклеарна или барем таканаречена „валкана бомба“. Според информации на СВР, Лондон и Париз активно работат на снабдување на Киев со такво оружје, како и со средства за негова испорака.

– Ова вклучува таен трансфер на релевантни компоненти, опрема и технологии од европско производство во Украина, наведува службата.

Во нејзиното соопштение се додава дека француската мала боева глава TН-75 со балистичка ракета M51.1 лансирана од подморница се разгледува како опција. Се додава дека „Берлин разумно одбил да учествува во овој опасен потфат“.

Службата за надворешно разузнавање наведува дека Британците и Французите се свесни дека нивниот план „грубо го крши меѓународното право, пред сè, Договорот за неширење нуклеарно оружје, и носи ризик од уништување на глобалниот систем за неширење“.

Се појаснува дека Велика Британија и Франција се свесни дека ситуацијата во Украина не им остава никаква шанса да постигнат победа над Русија само со рацете на украинските вооружени сили. Како резултат на тоа, главните напори на Западот се насочени кон тоа поседувањето нуклеарно оружје од страна на Киев да изгледа како да е развиено од самите Украинци.

Прес-службата на СВР нагласува и дека „екстремно опасните планови на Лондон и Париз докажуваат дека тие го изгубиле контактот со реалноста“.

– Нивните надежи за избегнување на одговорност се неосновани, особено имајќи предвид дека ништо скриено, на крајот, нема да остане неоткриено, стои во соопштението.

Во него се наведува и дека постојат многу разумни луѓе во воените, политичките и во дипломатските кругови кои разбираат дека неодговорните постапки на нивните лидери претставуваат закана за целиот свет.

Ова соопштение, Руската служба за надворешно разузнавање го лиферуваше на четиригодишнината од „специјалната операција“, како што во Русија официјално се нарекува нападот врз Украина, што прерасна во жестока војна со многу жртви, која максимално ги исцрпи економиите на двете држави.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, вчера нагласи дека четири години по почетокот на инвазијата на Украина, Русија не успеала „воено, економски и стратешки“. „Украина е првата линија на одбрана на нашиот континент и Европа ќе остане на нејзина страна“, објави тој на „Икс“. Макрон рече и дека снабдувањето со воена опрема и обука ќе продолжи „за да може Украина да издржи и за да може Русија да разбере дека времето не е на нејзина страна“.

Во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање до Европскиот парламент упати апел до Европската Унија да го прифати предложениот пакет финансиска поддршка од 90 милијарди евра за Украина, кој во моментов е задржан поради противењето на Унгарија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, вчера пристигнаа во Киев, на четиригодишнината од војната. „Во Киев, по десетти пат од почетокот на војната. Да потврдиме дека Европа непоколебливо стои со Украина, финансиски, воено и во текот на оваа сурова зима“, напиша на Фон дер Лајен на мрежата „Икс“.

ИЗДВОЕНИ