Претседателот на УФЦ, Дана Вајт, смета дека парите одиграле клучна улога во кариерите на двете најголеми ѕвезди на организацијата, Конор Мекгрегор и Хабиб Нурмагомедов. Според него, огромното богатство што го стекнале ја намалило нивната глад за борба. Во случајот на Хабиб, тоа довело до предвремено пензионирање, додека кариерата на Мекгрегор се променила по неговиот боксерски меч со Флојд Мејведер во 2017 година, пишува „Bloody Elbow“.
- Парите уништуваат сè. Кога се вклучуваат премногу пари во бизнисот со борби… Ако го видите Конор, тој заработи многу пари, и тоа е тоа. Потоа и Хабиб заработи многу пари, и тоа е тоа – рече шефот на најпознатата боречка организација.
Вајт верува дека парите му овозможиле на Хабиб Нурмагомедов предвреме да ја заврши својата ММА-кариера по смртта на татко си, Абдулманап, во јули 2020 година.
- Имавме муслимански светски шампион, но проблемот беше што тој отиде на турнеја по муслиманските земји. Тој отиде во Саудиска Арабија, Абу Даби, Катар и таму го опсипаа со пари. Заработи толку многу пари што повеќе не мораше да се бори. Неговиот татко почина, што мислам дека имаше многу врска со тоа што повеќе не сакаше да се бори – додаде шефот на УФЦ.
За разлика од Хабиб, кој и покрај повиците од обожавателите не покажа интерес за враќање, Конор Мекгрегор го најавува своето влегување во октагонот откако ја скрши ногата на настанот „УФЦ 264“ во јули 2021 година.











