Првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска во холот на ООУ „Јан Амос Коменски“ на првенците на генерација од секое основно училиште им врачи еднократни парични награди од 10.000 денари, што за нив, традиционално ги обезбеди локалната самоуправа.
-Наградата е симболична, но таа нека ви служи како поттик во понатамошното образование и награда за вашиот вложен труд кој се разбира нема да запре тука. Општината се залага овие деца да имаат максимални услови за работа, за учење и спорт, со тоа што поставивме во сите училишта фотоволтаични системи, спортските игралишта ги опремивме со вештачка трева во секое училиште. Иако на крајот од годината, но од септември веќе наредните генерации ќе имаат по еден компјутерски кабинет, каде што ќе го надградуваат своето знаење во сферата на технологијата. Училиштата во Карпош ги опремивме и со персонални компјутери како и со смарт панели. Оттука, очекуваме дека со вакви услови, ќе имаме се повеќе и повеќе деца со кои ќе се фалиме и кои вредно ќе продолжат да учат, ќе следат уредни генерации кои ќе бидат пример за нашето општество – рече Јакимовски.
Како секоја година, така и оваа, учениците кои во изминатите девет години се стекнале со признанија и дипломи на државно и локално ниво и кои постигнале најдобар успех, наградени се и со седумдневно летување во детскиот летен камп ,,Каливас” на Метаморфозис, Халкидики, Република Грција, заедно со најдобрите спортисти и освојувачи на пехари на училишно ниво. Исто така, летувањето е обезбедено и за учениците од ООУ,,Петар Поп Арсов” како државни прваци во футсал, кои на 14 јуни сите заедно ќе се опуштат и ќе одморат низ низа спортско-забавни активности.
Инаку, на крајот на учебната година, секое општинско основно училиште во Карпош избира по еден првенец на генерација, кој е во согласност со пропишаниот Правилник и критериумите за избор на првенец на генерација. Со оваа иницијатива Општината сака ги поддржи, мотивира и да го поттикне напредокот на своите основци во рамки на воспитно – образовниот процес. Во таа насока, локалната самоуправа обезбедува и стипендии за талентирани ученици, како и за талентирани спортисти кои имаат постигнато исклучителни резултати во својата област.