вторник, февруари 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Парична помош за три нови категории граѓани

Парична помош за три нови категории граѓани

40

Општина Делчево, годинава, ќе располага со зголемен буџет за реализација на Програмата за социјална заштита, со што ќе се овозможи проширување на мерките и воведување нови форми на поддршка за ранливите категории граѓани.

За реализација на Програмата за социјална заштита за 2026 година се предвидени вкупно 13.689.339 денари. Од нив, 10.832.339 денари ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Делчево, додека 2.857.000 денари ќе се обезбедат преку Министерството за социјална политика, демографија и млади и други институции.

Од Општината информираат дека целта на програмата е спречување и надминување на социјалните ризици со кои се соочуваат ранливите категории граѓани, преку унапредување на постојните и воведување нови социјални мерки.

– Новина во Програмата се три нови мерки, наменети за категории граѓани кои досега немале основ за остварување права од оваа програма. Станува збор за еднократна парична помош за еднородителски семејства во износ од 10.000 денари, еднократна парична помош за лекување на онколошки пациенти во ист износ, како и еднократна парична помош од 20.000 денари за рехабилитација на ученици со мускулна дистрофија –  соопштија од Општината.

Постапката за доделување на паричната помош е уредена со Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за утврдување на критериумите, условите и постапката за доделување еднократна парична помош.

Додаваат дека во 2026 година ќе продолжи и реализацијата на веќе воспоставените мерки, меѓу кои и помош за социјално ранливи лица и семејства, поддршка за граѓани погодени од елементарни непогоди, помош за невработени лица кои тешко се вклучуваат на пазарот на трудот, грижа за стари и изнемоштени лица, лица со попреченост и деца, како и развој на нови социјални услуги.

– Со овие мерки, Општина Делчево ја зајакнува социјалната сигурност и ја потврдува посветеноста кон подобрување на квалитетот на живот на своите граѓани – нагласуваат од локалната самоуправа.

ИЗДВОЕНИ