Шеснаесетта година по ред, ОКТА АД – Скопје ја потврдува својата долгорочна посветеност кон општествено одговорното дејствување преку поддршка на кампањата на Црвениот крст на Град Скопје „Помислете на нас“.
По повод обележувањето на 16 октомври, Светскиот ден на борба против гладот, иницијативата има цел да ја подигне свеста за важноста на борбата против оваа негативна појава, како и да обезбеди директна помош за социјално ранливите категории граѓани.
Во рамки на кампањата која се одвива од 16 до 22 октомври оваа година, компанијата обезбедува финансиски средства за подготовка на пакети со прехранбени производи, кои ќе бидат дистрибуирани до семејствата и лицата кои се соочуваат со социјални и економски предизвици.
–Поддршката на кампањата „Помислете на нас“, за нас во ОКТА претставува не само финансиска помош туку и конкретен израз на солидарност и грижа за оние на кои таа поддршка им е најпотребна. Секој пакет кој ќе стигне до граѓаните кои се во социјален ризик е потсетник дека заедно можеме да направиме вистинска разлика и да изградиме општество во кое солидарноста е вредност што сите ја споделуваме – изјави Антонио Велковски, претседател на организацијата на Црвен крст при ОКТА.
Кампањата „Помислете на нас“ е дел од традиционалното обележување на Светскиот ден на храната, иницијатива што има цел да ги нагласи напорите за намалување на гладот и сиромаштијата на локално и глобално ниво.