Полското министерство за европски фондови прекина секакви плаќања од програмата на Европската Унија за финансирање на хотели, ресторани и културни простори. Оваа одлука следеше откако Иницијатива за транспарентност откри дека парите биле користени за јахти, вотка-барови и компанија регистрирана на истата адреса како и свингерски клуб, објавија локалните медиуми.
Министерката за европски фондови, Катажина Пелчинска-Налеч, најави дека нема да биде исплатен ниту еден злот додека не се проверат сите околу 2,400 субвенции, чија вкупна сума изнесува околу 1,2 милијарди злоти (282,3 милиони евра), пренесе „Политико“.
Досега се исплатени околу 110 милиони злоти (25,8 милиони евра), со што најголемиот дел од буџетот на програмата останува суспендиран.
Овие средства беа наменети за обнова на Полска по пандемијата и отворање нови работни места. Туск вети развој што сите ќе го почувствуваат. Она што го чувствуваме е огромен скандал и огромен долг што сите ќе мора да го исплатиме, се вели во изјавата на портпаролот на ПиС, Рафал Бохенек.