Есента и зимата се периоди кога почесто се јавува пареза на нервот на лицето, меѓутоа може да се јави во кое било годишно време и подеднакво ги зафаќа како жените, така и мажите. Кардинален симптом на парезата на нервот на лицето е акутната, еднострана слабост на мускулите на лицето, со отежнато џвакање, спуштен очен капак, зголемено солзење на окото на страната на парезата, феномен познат како „крокодилски солзи“, кој се нагласува за време на јадење, зголемена секреција од носот, изгубена мимика на лицето на страната на парезата

Лицевиот нерв е значаен за комуникација и за емоционална експресија. Оштетувањето на неговата функција може значително да го наруши квалитетот на животот на човекот. Кај 2/3 од случаите, причината за настанување на пареза на лицето е речиси и непозната. Приоритет во процесот на дијагностицирањето е да се исклучат лезии на ниво на централниот нервен систем, кои можат да бидат причина за лицевата слабост, како што се тумори, трауми, мултипна склероза или процеси во пределот на понтоцеребларниот агол.

Парезата на лицевиот нерв (7. кранијален нерв) уште е позната под терминот Белова пареза. Кардинален симптом на парезата на лицевиот нерв е акутната, еднострана слабост на мускулите на лицето, со отежнато џвакање, спуштен очен капак, зголемено солзење на окото на страната на парезата, феномен познат како „крокодилски солзи“, кој се нагласува за време на јадење, зголемена секреција од носот, изгубена лицева мимика на страната на парезата.

Есента и зимата се периоди кога почесто се јавува пареза на лицевиот нерв, меѓутоа може да се јави во кое било годишно време и подеднакво ги зафаќа како жените, така и мажите.

Најчести причини за појава на пареза на лицевиот нерв се:

– Симптоматски: Скршеници на черепот, повреди на лицето, тумори во пределот на главата и на вратот, инфекции на средното уво, лајмска болест, Ремзи-Хантов синдром – вирусна инфекција на лицевиот нерв, најчесто од вирусите херпес зостер и варичела зостер.

– Идиопатска: Причините не се познати.

Специфичноста на оваа состојба се огледува во фактот што мускулите на лицето добиваат двојна инервација, и тоа периферна од истостраниот лицев нерв и централна, од спротивната мозочна кора. Оттука, централната инервација е билатерална, за проксималните лицеви мускули, а унилатерална за дисталните лицеви мускули. Како резултат на ваквата анатомска поставеност, централните и периферните лезии водат кон парализа на дисталните лицеви мускули, додека периферните лезии повеќе ги зафаќаат мускулите во горната половина на лицето.

Исто  така,  болката  зад увото е чест преегзистирачки знак на лицевата пареза. Парезите, најчесто, со комплетна парализа, се развиваат целосно за 48-72 часа. Често постои чувство на тежина и на отрпнатост на зафатената страна. На зафатената страна, заради слабоста на лицевите мускули, се губи мимиката, т. е лицевата експресија. Способноста за гримаси и рефлексот на трепкање се лимитирани или отсутни. Во потешки случаи, постои неможност за затворање на окото на зафатената страна, со опасност од иритација на конјуктивата и појава на сува рожница. Делот зад увото, во пределот на мастоидниот канал е преосетлив на болка, можна е хиперпродукција на плунковите жлезди, прекумерно солзење и преосетливост на звук.

 

Дијагноза:

Се прави клинички преглед и невролошки статус на пациентот. Потоа магнетна резонанција на мозокот за да се исклучат лезии кои може да бидат причина за парезата како што се мозочни удари или тумори и преглед на средното уво за да се исклучат причини од инфективна природа. Се бара да се исклучат системски заболувања од типот на сакоидоза или лајмска болест, фрактури на петрозната коска, карциноматозни инвазии на нервот, тумори во церебело- понтиниот агол, хроничен менингитис и слично.

 

Најчеста  прогноза на ова заболување:

Кај идиопатската пареза на лицевиот нерв, степенот на оштетување на нервот го одредува исходот на заздравувањето. Во полесни случаи, закрепнувањето се одвива во текот на неколку месеци. Голема предикторна вредност за процесот на заздравување има физикалната терапија заедно со препишаните лекарства. Исто така и електромионеврографското иследување на лицевиот нерв. Параметрите од ЕМГ- иследувањето може да дадат корисни информации за степенот и за типот на лезија на нервот и можноста за целосно лекување и заздравување. Доколку се работи за идиопатска пареза, се ординира перорална кортикостероидна терапија. Во случај на вирусна инфекција терапијата се дополнува со виростатици. Многу е важно во целиот процес на лекување да се заштити рожницата од прекумерно сушење, со ординирање на соодветни капки за очи и механичка заштита на зафатеното око.

Големо значење во ефективното заздравување има физикалната терапија и вежбите кои пациентот ќе ги практикува во домашни услови, следењето по препорака на физиотерапевт и рехабилитацијата. Важно е пациентите да знаат дека оваа состојба трае 21 ден, но процесот на заздравување трае најмногу до 3 месеци.

 

(Авторот е специјалист по здравствен фитнес,

Ординација за физиотерапија ФИЗИОТЕРАПЕВТ-ЗДРАВЈЕ)

ИЗДВОЕНИ