Од МВР потврдија дека лицето С.П. (64) се движело со велосипед кога врз него паднал дел од лимената заштитна ограда поставена околу градилиштето. Повредениот е пренесен со возило на Итната медицинска помош во Ургентниот центар. На ова градилиште зјае дупка која е заградена со лимена ограда, која неколкупати досега паѓаше, но за среќа, никого не повреди до вчера наутро

 

Необезбеденото градилиште кај поранешното „Беко“ сабајлево повреди велосипедист. Имено, парче лим од заштитната ограда околу градилиштето се одвоило од оградата и паднало врз главата на 64-годишен велосипедист кој поминувал покрај градилиштето.

– На 15.07.2025 година, околу 7:30 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Даме Груев“, додека лицето С.П. (64) се движело со велосипед, врз него паднал дел од лимената заштитна ограда поставена околу градилиштето. Повредениот е пренесен со возило на Итната медицинска помош во Ургентниот центар – потврдија од Министерството за внатрешни работи и велат дека се работи на расчистување на случајот.

Станува збор за објект зад кој стои компанијата „БС Консалтинг“, која во периодот на градоначалникот Андреј Жерновски добила дозвола за доградба и надградба на постојниот хотелски објект. Откако започнале градежните активности, инвеститорот решил целосно да го урне објектот бидејќи било посочено дека темелите не се соодветни за планираната надградба. Со тоа, наместо санација, била започната нова градба од темел, за што биле потребни нови одобренија.

Поради мораториумот за градба што го воведе поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ, компанијата немала дозвола за нова градба, но и покрај тоа, градежните активности продолжиле во повеќе наврати. Инвеститорот бил санкциониран со казни, но работите на терен не биле целосно запрени.

Во време на мандатот на Богдановиќ, против сопственикот на компанијата, Борис Стојменов, била поднесена и кривична пријава. Јавното обвинителство две години подоцна поднесе обвинение за нелегално градење.

На ова градилиште зјае дупка која е заградена со лимена ограда, која неколкупати досега паѓаше, но за среќа, никого не повреди до вчера наутро.

ИЗДВОЕНИ