– Секоја слика, секој потег на четката во делата на оваа грандиозна изложба раскажува една македонска приказна, која го пронашла својот мир токму овде, во срцето на Србија – кажа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на отворањето на изложбата „Откритија“ во македонскиот Културно-информативен центар во Белград. Васко Шутаров, директор на КИЦ, пак, посочи дека овој проект е репрезентативен пресек на македонската ликовна уметност што се наоѓа во белградските приватни колекции. Тој додаде дека циклусот продолжува на „Експо 2027“ во Белград и дека за идната година е планирана и голема изложба на Петар Мазев, за 30 години од дипломатските односи меѓу Македонија и Србија

 

Присутните во македонскиот Културно-информативен центар во Белград завчеравечер имаа ретка можност да ги видат делата на еминентните македонски ликовни уметници како Папрадишки, Личеноски, Чемерски… од приватната колекција на белградскиот колекционер Игор Станковиќ. Ова е прва од серијата изложби посветени на македонските ликовни уметници чии дела се наоѓаат во приватни белградски колекции.

-Светлата на македонскиот Културен центар овде, во Белград,  вечерва се запалени над изложбата на ликовни дела со симболичен наслов „Откритија“. Самиот наслов ја носи длабочината на емоцијата пред нас. Ние вечерва не откриваме само изложба на уметнички слики туку и парчиња од споделената културна историја, фрагменти од креативниот дух што струи низ нашите две земји. Ова е доказ за нераскинливата културна врска меѓу нашите два народи. Секоја слика, секој потег на четката во делата на оваа грандиозна изложба раскажува една македонска приказна, која го пронашла својот мир токму овде, во срцето на Србија – кажа на отворањето на изложбата министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Тој додаде дека делата од оваа изложба им припаѓаат на автори чии имиња одамна ја обележале нашата уметничка мисла, уметници што со својот поетски јазик, својата тишина и со својата смелост ги надминале границите на времето и на просторот.

– Делата на Папрадишки, Личеноски, Мартиноски, Чемерски, Мазев, Георгиевски, Коџоман, Корубин, Луловски, Бајалска… нè обединуваат во прекрасниот свет на ликовната уметност. Македонија и Србија отсекогаш биле повеќе од блиски соседи, поврзани со илјадници невидливи нишки. Нека овие откритија ги инспирираат идните генерации уметници,  историчари на уметноста и љубители на убавината да го јакнат чувството на блискост што нè поврзува – истакна, меѓу другото, Љутков.

Тој му се заблагодари на белградскиот колекционер Игор Станковиќ (роден скопјанец), чии стручност и љубов кон македонската ликовна традиција, како што посочи, се препознаваат во секој детаљ од оваа изложба.

Директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров, пак, кажа дека изложбата е почеток на еден поголем циклус.

– Овој проект е репрезентативен пресек на македонската ликовна уметност што се наоѓа во белградските приватни колекции. Доаѓајќи на мисија во Белград, ги носев таа искра и сознанието дека во белградските приватни колекции се наоѓаат ремек-дела од македонската ликовна уметност. Тој репрезентативен пресек почнува вечерва со 14 дела, кои се, во најголем дел, од основоположниците на македонската ликовна уметност: Димитар Андонов Папрадишки, дела од Лазар Личеноски стари еден век, Чемерски, Коџоман, Владимир Ѓеоргиевски, Петар Мазев… – кажа Шутаров.

Тој додаде дека циклусот продолжува на „Експо 2027“ во Белград. Се надева дека тогаш таму ќе се спојат и сите други колекции и колекционери во еден голем павилјон за да се направи комплетен репрезентативен пресек на делата од македонските ликовни уметници што се  наоѓаат во белградските приватни колекции. За идната година, откри Шутаров, е планирана и голема изложба на Петар Мазев, за одбележување 30 години од дипломатските односи меѓу Македонија и Србија.

Историчарката на уметност Викторија Васева-Димевска во каталогот за изложбата, пак, посочува: „Се́ поголемата отвореност на приватните колекции и нивната достапност се од непроценлива помош при евидентирањето на делата, датирањето, споредбите, особено за можноста тие да бидат изложени на проблемски, тематски, монографски… изложби. Тоа е и голем придонес во проучувањето на историјата на уметноста на одредена почва. Излагањето на збирките во приватни аранжмани ги отвори вратите и ја проблематизира потребата од нивно презентирање и во државните институции. Секако, овој транспарентен начин на соработка со богатствaтa што се под закрила на приватните амбиенти дава можност да се откријат, пронајдат непознати податоци, кои може да предочат одредени пропусти или некои поместувања во постојните теоретизирања. Сите автори застапени во оваа колекција се еден хронолошки патопис и дел од историјата на македонската ликовна уметност“.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 29 ноември.

 

ИЗДВОЕНИ