Папата Лав Четиринаесетти денеска објави дека е подготвен да посредува меѓу лидерите на земјите што се во војна, велејќи дека лично ќе направи сè за да се постигне мир, пренесува агенцијата Франс прес (АФП).
Новиот поглавар на Католичката црква, кој минатата недела ја презеде функцијата водач на 1,4 милијарди католици ширум светот, им се обрати на верниците собрани во салата Павле Шести во Ватикан на настан посветен на Јубилејната 2025 година и 23 источни католички цркви.
„Од Светата земја до Украина, од Либан до Сирија, од Блискиот Исток до Тигар и Кавказ, колку насилство гледаме. Верувам дека ќе направам сè за да преовлада мирот“, рече папата, повикувајќи ги собраните да се молат за мир.
Папата Лав XIV рече дека Светата столица е секогаш подготвена да помогне во зближувањето на страните во конфликтот за да се соочат едни со други, да разговараат и народите повторно да можат да ја пронајдат надежта и достоинството што ги заслужуваат – достоинството на мирот.