Обраќајќи се пред илјадници луѓе на плоштадот „Свети Петар“, Папата ја нагласи потребата Црквата, која брои 1,4 милијарди членови, да остане вкоренета во својата традиција без да се изолира, велејќи дека во иднината на институцијата нема место за религиозна пропаганда или игри на моќ.
Поглаварот на Католичката црква, папата Лав XIV, претседавајќи со својата инаугуративна миса денес, вети дека ќе ги заштити учењата на Католичката црква, а воедно ја повика да се соочи со современите предизвици, објави Ројтерс.
Повторувајќи ги приоритетите на својот претходник, папата Франциск, Лав XIV го критикуваше глобалниот економски систем, за кој рече дека „ги експлоатира ресурсите на Земјата и ги маргинализира најсиромашните“.
Тој, исто така, предупреди против централизацијата на моќта во рамките на папството, велејќи дека ќе се стреми да владее „без никогаш да се предаде на искушението да биде автократ“.
Американските медиуми пренесуваат дека во својата проповед пред десетиците илјади верници, светски и црковни претставници, папата Лав рече дека сака Римокатоличката црква да биде обединета.
Повикот на папата за единство е значаен со оглед на поларизацијата во Римокатоличката црква во САД и пошироко, наведуваат американските медиуми.
Претходно, на папата му беа врачени официјалните симболи на неговата папска функција: палиумот, литургиската облека, и папскиот – рибарски прстен.
Литургиската облека е изработена од јагнешка волна, што ја симболизира улогата на папата како пастир на верниците. Палиумот се носи преку рамо и се прицврстува со три иглички што личат на шајките на Христовиот крст.
Папскиот прстен, познат и како Пискаторски прстен, го симболизира односот на папата со Свети Петар, кој бил рибар.
Прстенот се уништува или крши по смртта на папата.