Кога ќе се случи тоа нема да бидам закопан во „Свети Петар“, туку во „Света Марија Велика“. Ватикан е место на мојата последна служба, а не на мојата вечност. Ќе одам во просторијата во која сега ги чуваат свеќниците, близу до кралицата на мирот, од која секогаш барав помош и чија прегратка за време на понтификатот ја побарав повеќе од стотина пати, пишува во автобиографијата на папата Франциск, насловена како „Надевај се“. Денеска во Рим пристигнуваат повеќе од 50 шефови на држави, меѓу нив и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, 10 монарси, како и многу премиери, министри и амбасадори, кои го потврдија своето присуство на погребот
Ватикан забрзано го подготвува погребот на папата Франциск, кој почина на 88-годишна возраст, во понеделникот. Денеска тој ќе биде погребан во црквата „Санта Марија Маџоре“ (Света Марија Велика), откако според утврдениот протокол, вчера, беше затворен ковчегот во кој од вторникот неговото тело беше изложено пред јавноста, при што почит му изразија повеќе стотини илјади луѓе.
Ватикан сè уште не соопшти по која рута ќе се движи погребната поворка до базиликата „Света Марија Велика“, но според агенцијата АНСА, која се повикува на свои извори, патот ќе биде долг шест километри и ќе биде строго надгледуван. Изворите велат дека се проучуваат повеќе правци на движење, а најкраткиот пат до црквата е преку Корзо Виторио Емануеле, Пјаца Венеција и Виа Назионале.
По повеќе од 100 години еден папа ќе биде закопан надвор од Ватикан. Но, базиликата „Санта Мрија Маџоре“, иако не е во ѕидините на папската држава, сепак е на нејзино тло, бидејќи Светата Столица има суверенитет над неа. Оваа древна градба, која е меѓу четирите главни папски базилики и ја има најголемата камбанарија меѓу сите цркви во Рим, е личен избор на папата Франциск за негово почивалиште. Меѓу римските цркви „Света Марија Велика“ му била омилена, а кон неа го привлекла иконата на Богородица. За оваа икона што во слободен превод се вика „Спас на римскиот народ“, на која е прикажана Богородица со детето Исус, има легенда која вели дека ја насликал евангелистот Лука уште додека Марија била жива. Таа се чува во предниот дел на црквата, а папата побарал да биде погребан во малата просторија веднаш до неа, која служела како остава. Како на папа, не му било тешко да го договори тоа, но обезбедил и спонзори за да не падне сè на товар на Ватикан.
-Кога ќе се случи тоа нема да бидам закопан во „Свети Петар“, туку во „Света Марија Велика“. Ватикан е место на мојата последна служба, а не на мојата вечност. Ќе одам во просторијата во која сега ги чуваат свеќниците, близу до кралицата на мирот, од која секогаш барав помош и чија прегратка за време на понтификатот ја побарав повеќе од стотина пати, пишува во автобиографијата на папата Франциск, насловена како „Надевај се“.
Таа икона стоеше пред папата во познатата сцена кога за време на пандемијата на ковид, во 2020 година, сам се молеше на празниот плоштад „Свети Петар“. Пред неа се молел и првиот ден откако станал папа, пред и по секое службено патување, а и дента кога последен пат излезе од болница со автомобил застанал пред црквата немо поздравувајќи ја „својата пријателка“.
Гробницата во која ќе почива папата Франциск е едноставна, само со натписот „Франциск“, и со репродукција на крстот кој тој го носеше на градите. По негова желба изработена е од мермер, од италијанскиот регион Лигурија, од каде што потекнувале неговите баба и дедо, кои во 1800-тите години се преселиле во Аргентина.
Милосрдниот папа, кој го нарекуваа реформатор на црквата и амбасадор на сиромашните, имал и картичка за донирање органи, но во Ватикан му ја искинале, зашто постои правило папата да ѝ го предаде своето тело на Црквата нечепнато. Причина е тоа што ако еден ден го прогласат за светец, негов орган во нечие тело би станал реликвија.
Додека Ватикан го подготвува погребот, властите во Рим се на нозе. Треба да организираат и беспрекорна безбедност, зашто денеска во Рим пристигнуваат повеќе од 50 шефови на држави, меѓу нив и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, 10 монарси, како и многу премиери, министри и амбасадори, кои го потврдија своето присуство на погребот. Претходно обезбедувањето што го сочинуваат илјадници волонтери и полиција, систем против беспилотни летала, снајперисти на покривите, борбени авиони подготвени за полетување и воен брод разурнувач покрај брегот на Фјумичино беше сконцентрирано на плоштадот „Свети Петар“, каде што беше изложен ковчегот со папата пред граѓаните кои дојдоа да изразат почит.
Ватикан уште извесен период ќе биде со празна папска столица. Конклавата за избор на нов папа веројатно нема да започне пред 6 мај, а во меѓувреме, додека од оџакот на Сикстинската капела не излезе бел чад, кардиналите присутни во Рим, кои го презедоа привременото управување со Католичката црква, која брои 1,4 милијарди членови, ќе се состануваат секојдневно на општи конгрегации.