-Главниот предизвик со којшто во моментов се соочува македонскиот јазик е голем наплив на англизми со што ние тешко можеме да се справиме затоа што тие влегуваат на дневно ниво во огромен број. Дури не можеме да ги попишеме за да видиме за колкав број на англизми станува збор. Англискиот јазик покрај со лексемите, почнува да влијае, за жал, и на структурата на јазикот, што е многу сериозно. Потребно е поголемо подигање на свеста за овој проблем, истакна проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителката на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ одговарајќи на новинарски прашања на денешното одбележување на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и 80-годишнината од неговата конечна кодификација.
На прашањето на весникот ВЕЧЕР, што можеме како индивидуални говорители, но и како медиуми да придонесеме за тоа што јазикот особено кај младите, средношколци и основци, е загрозен на синтаксичко и лексичко ниво и под влијание на англискиот, таа истакна: „Тука има две работи. Едната работа е свеста на говорителите, на народот, другата е свеста на државата за решавањето на овој проблем и спроведувањето на една организирана акција за да се спречи тоа. Тоа не мора да биде со специјализирани емисии за граматика, туку се земаат популарни личности и тие се обучуваат да зборуваат правилно и така посредно да влијаат врз народот за да се подигне свеста за правилно говорење македонски. Така е со Словенија каде свеста на државата за значењето и употребата на словенечкиот јазик и за заштитата од англизмите е на повисоко ниво, а не свеста на народот.“
На второто прашање на весникот ВЕЧЕР за примената на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик донесен минатата година, Пановска-Димкова, пак, рече:
„Многу сум среќна што се избра директор(ка) на Инспекторатот за македонски јазик, ќе почекаме да се оформи оваа институција и да почне нејзината работа. Меѓутоа не е само тоа единствената новина што ја носи овој Закон. Тука се задолжителните вработувања за лектори по сите јавни институции, по медиумите, потоа стипендии за студенти да студираат македонистика, се воведе и награда „Блаже Конески“ за исклучителни постигнувања во македонистиката, подготовка на национална стратегија… значи има многу работа, откако ќе почне да работи со полна сила“.
Пановска-Димкова додаде и дека со влегувањето во сила на новиот Закон, на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се очекува и поголем број студенти заинтересирани за македонистика. Посебно вработувањето на лектори во институциите и стипендиите, смета професорката дека се клучни за поголема заинтересираност за упис на оваа катедра каде што во прва година годинава се запишани околу 20-ина студенти. (Н.И.Т.)