Паника во Москва, се трага по кртот што издава информации за важните личности

83
screenshot X The Informant

Русија во понеделникот ја вознемири уште едно убиство на личност од највисоките кругови на военото раководство. Од бомба поставена под неговиот автомобил „киа соренто“, на паркингот пред зградата во која живееше во Москва, загина 56-годишниот генерал-полковник Фанил Сарваров, началник на Дирекцијата за оперативна подготовка на Главниот штаб на вооружените сили на Руската Федерација.

Додека се трага по извршителот на атентатот, експертите советуваат дека е поважно да се бараат кртовите, кои имаат пристап до личните податоци на високите претставници на руската армија. Во интервју за прорежимскиот весник „Московски комсомолец“, пензионираниот генерал-мајор на руската разузнавачка служба ФСБ, која е наследничка на озогласеното КГБ на Советскиот Сојуз, Александар Михајлов, вели дека информациите за местото на живеење и распоредот на работа на генерал-полковник Фанил Сарваров на одговорните за нападот, можеби, им ги пренеле предавници. Прашан како е можно, и покрај континуираната работа на руските специјални служби, противникот, Украина, сепак да успева да нанесе многу болни удари врз Русија, тој одговори дека ова не е прво убиство на висок воен офицери, па треба да се бараат кртови во државните структури.

– Покрај барањето на сторителите, потребно е да се пронајдат и оние што им даваат информации за местото на живеење, работниот распоред и движењето на високите офицери. Треба јасно да се разбере: терористот кому му е кажано „напред!“, нема сам да ги пронајде ниту адресата на живеење ниту автомобилот на одредено лице – вели Михајлов и додава дека често се обвинувани дојденците што вршат такви работи за пари, но има и „многу наши предавници, а онаа црна овца што го расипува целото стадо е присутна во оваа област“.

Тој сугерира да се бара кртот таму каде што се чуваат личните податоци на високите функционери на Министерството за одбрана.

– Фактот останува факт: некој многу успешно доставува информации за одредени личности, бидејќи за да се изврши каков било терористички напад, потребно е темелно да се проучат човекот, неговиот распоред и условите во кои живее, а потоа, врз основа на тоа, да се утврди местото каде што би се извршило злосторството – тврди Михајлов.

Според него, многу е лесно да се изврши ваков напад, особено со бомба под автомобил, зашто може да се направи импровизирана експлозивна направа дома и да се избере методот на детонација: механички, хемиски или преку радиосигнал, а да закачи бомба под шасија на автомобил, може секое дете. Затоа, како што посочува, овој напад не треба да се гледа како супероперација, туку како потсетување на властите дека треба да се развие и да се зајакне режимот на контраразузнавање, како и дека многу внимателно треба да се анализираат сите настани поврзани со доставувањето информации до непријателот.

Иако има тврдење за британска вмешаност во атентатот, Михајлов смета дека украинските специјални служби, дури и без Лондон, ги преминале сите можни и дозволени црвени линии и се впуштиле во такви акции на територијата на Русија. Дури, како што посочува, за нападот не било нужно да се  информира ниту украинскиот претседател, Володимир Зеленски, бидејќи организаторите извршувале политичка задача како целина.

– Велика Британија, несомнено, ја поддржува Украина и ѝ обезбедува информации. Но, украинските специјални служби одамна се претворија во многу злонамерно чудовиште, кое треба да се уништи. Без тоа, тешко дека ќе можеме да ја обезбедиме безбедноста не само на генералите туку и на обичните граѓани – вели Михајлов за „Московски комсомолец“.

ИЗДВОЕНИ