Паника меѓу моќниците ширум светот поради објавените писма до Епстајн

86
EPA/JIM LO SCALZO

Скандалот околу Џефри Епстајн, осуден сексуален престапник, добива нова димензија откако „Њујорк тајмс“ објави претходно непознати писма и фотографии, поврзани со мрежа на влијателни личности од светот на политиката, науката, бизнисот и културата.

Според овој угледен њујоршки дневен весник, бројни познати личности му испратиле писма на Епстајн во 2016 година по повод неговиот 63-ти роденден. Заедно со писмата, објавени се и фотографии од внатрешноста на неговата луксузна резиденција на Менхетен, кои јавноста досега немала можност да ги види.

Објавувањето на документите доаѓа во услови на растечки шпекулации за врските на поранешниот американски претседател Доналд Трамп со Епстајн, кој беше пронајден мртов во затвор во Њујорк во 2019 година, каде што чекаше судење по обвинение за сексуална злоупотреба и трговија со малолетници.

Во едно од писмата, поранешниот израелски премиер Ехуд Барак и неговата сопруга му честитаат на Епстајн, велејќи: „Нема граници на твојата љубопитност. За многумина си како затворена книга, но знаеш сè за секого. Уживај во долг и здрав живот, и нека сите ние, твоите пријатели, уживаме на твојата трпеза уште многу години.“

Во своето писмо, познатиот режисер Вуди Ален ги опишува вечерите во куќата на Епстајн како „забавни“, со многу истакнати гости: политичари, научници, магионичари, комичари и членови на кралското семејство.

„Морам да кажам дека вечерите секогаш беа добро послужени. Често од професионалец, но не ретко од неколку млади жени. Ме потсети на замокот на Дракула, каде што Бело Лугоши има три млади вампири кои им служат на гостите“, напишал Ален.

Меѓу оние кои исто така му пишале писма на Епстајн биле медиумскиот могул и милијардер Мортимер Зукерман, познатиот интелектуалец Ноам Чомски и неговата сопруга, иноваторот Јоичи Ито, физичарот Лоренс М. Краус и професорот, биолог и математичар од Харвард, Мартин Новак.

Објавените фотографии ја прикажуваат внатрешноста на зградата на Епстајн, вклучувајќи десетици врамени слики од неговата долгогодишна соработничка Гислен Максвел, која моментално отслужува 20-годишна затворска казна за нејзината улога во трговија со луѓе.

Меѓу многуте познати личности со кои Епстајн е фотографиран се папата Јован Павле Втори, Мик Џегер, Илон Маск, Фидел Кастро, Бил Клинтон, Лари Самерс, Ричард Бренсон, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и Стив Бенон, поранешен советник во Белата куќа.

На еден од ѕидовите на куќата виси и врамена банкнота од еден долар со порака напишана од Бил Гејтс: „Грешев“, за која Њујорк Тајмс вели дека е „веројатен доказ за изгубен облог“.

ИЗДВОЕНИ