Панетоне (Panettone), сладок италијански божиќен леб или колач, е неизбежен десерт на италијанските трпези за време на новогодишните и божиќните празници. Испреплетен со кандирано овошје, со крцкава кора и воздушест ентериер, нема да остави никого рамнодушен и без насмевка на лицето.
Првично, овој леб е всушност милански овошен колач, препознатлив по својата издолжена форма, иако често се подготвува во калапи за куглоф.
Обично се подготвува без квасец, поради што неговата подготовка трае до десет дена. Но, денес, никој нема време, па затоа и оваа варијанта е сосема прифатлива.
Подготовката на овој леб не е невозможна мисија, но сепак бара искуство, вештина и трпение.
Состојки:
225 г растопен и изладен путер
малку екстра девствено маслиново масло
380 мл млака вода
1,5 лажици сув квасец
1,5 лажици сол
125 мл мед
8 изматени јајца
1 лажичка сок од лимон
2 лажици екстракт од ванила
рендана кора од 1 лимон
1,1 кг меко брашно
2 чаши мешано сечкано суво, кандирано и јаткасто овошје по ваш избор
1 јајце изматено со 1 лажица вода, за премачкување
шеќер во прав
Подготовка:
1. Во голем сад, со помош на жица за матење, измешајте ја водата, квасецот, солта, медот, изматените јајца, растопениот и изладен путер, сокот од лимон, екстрактот од ванила и кората од лимон.
2. Додадете го сечканото овошје и постепено додавајте го брашното, мешајќи нежно со шпатула, додека не се соедини целото брашно. Ќе имате многу лепливо и меко тесто.
3. Откако брашното ќе се соедини, покријте го садот цврсто со пластична фолија и оставете го на собна температура два часа. Во тоа време, тестото ќе нарасне малку. Оладете го тестото во фрижидер околу еден час.
4. Намастете ги калапите за печење со маслиново масло. Префрлете го тестото на добро набрашнета работна површина, поделете го на онолку парчиња колку што ви се потребни за калапите што ги користите. Сега набрашнете го секое парче и лесно месете. Оформете топче држејќи го тестото во рацете и со прстите завиткувајќи ги краевите под него. Ставете ги формираните топчиња во намастените калапи. Покријте лесно со лесно намастена пластична фолија и оставете да нараснат еден час и 40 минути. Оставете тестото да зафаќа две третини од волуменот на калапот. Дваесет минути пред тестото да заврши со нараснување, загрејте ја рерната на 190 степени.
5. Печете во претходно загреана рерна на средната решетка околу 50 минути. По печењето, посипете го слаткиот леб со шеќер во прав додека е сè уште топол. Оставете го печениот леб целосно да се олади пред да го исечете.












