Пандорината кутија со бизнис-операциите отворена, интервенциите на приватно ги нема на МојТермин !?

Откако д-р Кедев го обелодени скандалот се сретна со министерот Алиу

2267

Ударна е веста за средбата на кардиологот Сашко Кедев со актуелниот министер за здравство Азир Алиу по повод неговата изјава дека во приватното здравство се прават непотребни интервенции на кои што интересот им е профит и тоа според реномираниот доктор е лесно докажливо. Во соопштението што е објавено за медиумите, и на интернет страницата на Владата и на таа на МЗ, заклучокот од средбата бил она што се работи во приватните болници да биде внесувано во системот „МојТермин“.

„Министерот Алиу на средбата потсети дека ќе биде испратен допис со кој сите приватни здравствени установи ќе се задолжат од 15 септември да го информираат Министерството, односно Управата за електронско здравство за сите извршени прегледи и интервенции МојТермин. Министерството за здравство е отворено за соработка со сите чинители и ги повикуваме сите засегнати страни кои имаат каква било информација за евентуални неправилности во системот, да се обратат веднаш до Министерството “, пишува во соопштението од МЗ по средбата на која биле разменети информации во врска со наводите дека се вршеле непотребни кардиохируршки интервенции кај пациенти во приватните болници.

Наводите на Кедев ја отворија „пандорината кутија“ со интервенциите што Фондот ги покрива во приватните институции. Под објавата дека се задолжуваат приватните болници интервенциите да ги објавуваат во системот „МојТермин“ граѓани меѓу кои и докторот Драган Даниловски коментираат зошто до сега не се правело тоа.

-На апликацијата Мое здравје не постојат приватните прегледи и оперативни зафати. Пациентите оперирани со по три бајпаса воопшто ги нема во системот дека нешто е оперирано, точно е дека не се наплаќа приватно за таа операција ама не може да не постои никаде видливост во системот, и матичните остануваат без никаков документ, коментира граѓанка.

-Опериран пациент во приватна болница мора и  контролите да ги прави во приватната а секако и плаќањето кое е приватно. Фондот ја покрива операцијата, а се понатаму е приватно и задолжително кај нив. Голем товар поготово сложени и специфични како на пример ние со механичка потпора на срце, пишува пациент.

Од обвинителството за весникот ВЕЧЕР велат дека одблиску ги следат случувањата со предистрагата на Комисијата во министерството за здравство која треба да ги испита наводите по изјавата на Кедев и доколку има докази истите во форма на пријава да ги достави до Обвинителството на понатамошно постапување. Контролата според најавите на министерот за здравство ќе ја вршат експерти од Словенија, Италија, Австрија или Германија кои ќе утврдуваат дали се правеле непотребни операции во приватните болници. Листата со имиња на странските експерти, како што најави Алиу, требаше да биде комплетирана вчера, еден експерт ќе биде од Словенија, вториот е одлучено да биде од Италија, а за изборот на третиот во игра се имиња од Австрија и Германија.  Одлуката за ангажирање на странски експерти, според министерот, е заради поголема објективност и утврдување на вистинската слика.

Приватните здравствени институции од 15 септември ќе мора задолжително да ги отворат нивните бази на податоци за да се следи здравствената патека на секој граѓанин, за да може ние да ги агрегираме сите постоечки информации што се таму во нивните институции, рече министерот за здравство.

Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски тврди дека нема склучено договор со приватни болници за стентирање, туку за кардиохирушки интервенции со закажување. Ги повика пациентите кои се сомневаат дека се оштетени да поднесат преставка до Фондот.

-Нас ни требаат конкретни случаи, бидејќи сега има илјадници стентирани луѓе и ќе биде повеќегодишна работа ако тргнеме да проверуваме досие по досие. Апелирам секој еден граѓанин што е оштетен или мисли дека е оштетен со своите аргументи да поднесе претставка. Јас одговорно тврдам дека ќе ја истражиме и ќе одговориме, рече Клековски.

Интервентниот кардиолог Кедев кој јавноста освен по своето докторско реноме го познава и како поранешен пратеник и подржувач на владејачката партија, во интервју за Канал 77 изјави дека се оперирало без потреба и имало докази за тоа.

 „Најголем дел од мојата консултативна активност е во одвраќање на луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања, непотребни операции. Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции кои што се профит ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници, на кои што интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или Америка тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, кое што треба релевантните институции да преземат нешто, пред се Министерството за здравство и фондот, бидејќи тие плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит “ изјави Кедев и кусо по тоа со реагираа од приватната болница Систина и најавија тужба за клевета против професорот. (П.А.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ