Кошаркарот на Црвена звезда, Чима Монеке, не е задоволен од статусот што го има моментално во Панатинаикос одличниот плејмејкер, негов близок пријател и македонски репрезентативец, Ти Џеј Шортс.
Плејмејкер го воодушеви кошаркарскиот свет минатата сезона со одличните игри во дресот на Париз. Тој беше еден од главните кандидати за наградата за најкорисен играч (МВП) и големите европски клубови го сакаа во своите редови. Потоа се пресели во Панатинаикос, меѓутоа во грчкиот клуб нема улога и минутажа што многумина ја очекуваа.
Неговата моментална позиција во Панатинаикос го загрижува Монеке, кој е убеден дека во друг тим тој би имал многу позначајна улога.
– Ќе ја кажам вистината за статусот на Шортс. Се плашам дека петорката што ќе ги заврши натпреварите ќе биде Нан, Грант, Осман, Ернангомез и Холмс. Тоа е мое мислење. Едноставно не верувам дека играч што би можел да ја освои наградата за најкорисен играч (МВП) би одел во кој било друг тим, а по првиот натпревар на кој играше само 10 минути, како стартер, да не биде стартер на вториот натпревар. Не ми е јасно зошто Панатинаикос го доведе Шортс кога не го користи. Зошто ги потрошија сите тие пари? Само за да не игра за друг тим како Олимпијакос? Дали е тоа поентата? Тој е стартер, тој е плејмејкер, а не играч без топка и го знаевте тоа кога го доведовте – рече Монеке.
Македонскиот репрезентативец има двегодишен договор со грчкиот клуб за годишна плата од 2,1 милион евра, која е пет пати повисока од онаа што ја имаше во Париз. Минатата сезона, во Евролигата, тој просечно бележеше по 19 поени, 7,3 асистенции и 2,6 скока.