Со поддршка од грант на Европската Унија, Царинската управа започнува со имплементација на Проектот за автоматизација на терминалите, познат како „Паметни граници“, кој значително ќе го забрза протокот на стоки на граничните премини. Целосната имплементација на проектот се очекува до крајот на 2027 година, а веќе е објавен и јавен повик за набавка на потребната опрема, како и за негово поврзување со системите за видео надзор и препознавање на регистарски таблички.
Преку интензивна дигитализација на царинските процеси се создава основа за функционирање на единствениот пазар и се забрзува пристапувањето на државата кон Европската Унија, што е од клучно значење за развојот на успешна пазарна економија. Ова го истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на маргините на конференцијата „Интеграција и дигитална трансформација – Патот до ЕУ царина“, која се одржа во Загреб во организација на хрватската Царинска управа.
Николовски ги презентираше и искуствата од имплементацијата на Системот за анализа на ризик и податочен склад, реализиран со грант од Република Кореја, кој претставува прво воспоставување на систем за електронско царинење на корејската Царинска служба во европскиот регион.
– Овој систем е од исклучителна важност бидејќи овозможува унапредена анализа на ризик и попрецизна селекција на контролите насочени кон високоризични пратки, со што се олеснува и забрзува легалната трговија – истакна директорот Николовски.
Во рамки на конференцијата беше остварена и билатерална средба меѓу директорот Николовски и директорот на хрватската Царинска управа, Марио Демировиќ, на која беа разменети искуства за тековните предизвици, како и за можностите за унапредување на меѓусебната соработка и заедничко дејствување против потенцијалните закани.












