Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) го одбила предлогот на ЕВН – месечното читање на струјомерите да чини 10 милиони евра годишно. Тоа, според регулаторот, ќе значи нов удар по џебот на граѓаните затоа што ќе ја поскапи цента на струјата за околу 5 проценти.

Наместо тоа, од РКЕ предложиле во наредните 2 до 3 години постепено да се воведуваат паметни броила со што би се опфатиле 70 до 80 проценти од потрошувачите. Оваа набавка ќе чини 10 милиони евра, но ќе има најмало влијание врз потрошувачите затоа што цената на струјата ќе се зголеми за незначителни 0,1 процент, а ќе се овозможи точно мерења на потрошувачката. 

Имено, ЕВН Дистрибуција, во однос на барањето на претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, за доставување на податоци за потребниот број на отчитувачи, потребни за да се овозможи читање на 95% од броилата еднаш месечно, потребната опрема, годишните трошоци и трошокот за прилагодување на билинг-системот во согласност со предложените измени во Правилата за снабдување.

ЕВН пријавиле дека вкупните трошоци (инвестиции, капитални и оперативни трошоци) за имплементација на систем за месечно отчитување на броилата изнесуваат 10 милиони евра за 2025 година, а по 7 милиони евра за секоја од следните години, до 2029 година.

– Имајќи ги предвид значителните трошоци што ќе паднат на товар на корисниците, како и претстојната дигитализација со воведување на паметни мерни уреди, предлагаме наместо реализација на такви активности, средствата да се искористат за набавка и вградување на паметни мерни уреди. На тој начин би се имплементирало одржливо решение кое ќе овозможи месечно отчитување и ќе го олесни преминот кон паметно мерење – бил предлогот на ЕВН.

ЕВН Македонија планира да инсталира 50.000 паметни броила во соработка со компанијата АДД „Булгариа“ во наредните три години. Овие броила ќе овозможат далечинско отчитување и ќе помогнат во намалување на загубите и кражбите на електрична енергија.

– Со оглед дека во државата секое домаќинство има мерен уред кој врши мерење, ваква ситуација е возможна само ако мерниот уред е оштетен или од било која друга причина не функционира па мерењето не се врши. Во сите други случаи законот предвидува изготвување на фактура врз основа на мерењата за потрошената електрична енергија. „Отчитување“ има сосема друго значење од „мерење“ и поради тоа не може да се дозволи било каква импровизација на оваа одредба од законот, која патем со амандман кој не беше прифатен баравме да се укине, за да се остави регулирањето на оваа материја да биде во подзаконски акт – потенцираат од Инженерите на Македонија.

Тие се повикуваат и на Законот за заштита на потрошувачите каде што во членот 32 од трговецот (ЕВН дистрибуција) бара на потрошувачот да му се издава фактура за продадениот производ (електричната енергија) или извршената услуга (пренос и дистрибуција на електричната енергија), која ќе се карактеризира со прецизна и проверлива точност на пресметаниот износ на купената електрична енергија, односно услугата пренос и дистрибуција.

Оттаму ја предложиле и мерката за стимулација на потрошувачите да вршат самоотчитување на мерните уреди и пријавување на состојбата, а за возврат би добиле компензација на таквата активност со процентуално намалување на износот на фактурата.

– Оваа мерка треба да се воведе со осовременување и поедноставување на веб платформата за пријавување на состојбата. Со ваква мерка би се стимулирале само потрошувачите кои имаат месечен трошок на електрична енергија во висока тарифа до крајните вредности на вториот блок. Па наместо непотребни телевизиски кампањи на ЕВН дистрибуција, која и онака нема конкуренција бидејќи е природен монопол, предлагаме да се водат медиумски и други кампањи за поттикнување и обука за самоотчитување на потрошувачката на електрична енергија кај мерните уреди – нагласуваат оттаму.

Оваа мерка очигледно е делумно прифатена од РКЕ затоа што оттаму нагласуваат дека со следната сметка граѓаните ќе добијат инструкции како сами да ги читаат броилата и да пријават ако има некоја разлика во потрошувачката. На сметките ќе пишува и дали потрошувачката е пресметана врз основа на реално отчитано броило или проценка.

Инженерите на Македонија предложиле и да се врати изготвувањето на одлуката за формирањето на цената на електричната енергија кај домаќинствата повторно кај Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи таа улога од јули 2022 година му е доделена на универзалниот снабдувач (ЕВН Хоме).

Со премногу исклучени корисници на парно ќе се преоптовари електродистрибутивната мрежа во Скопје

Неодамнешната одлука на Уставниот суд за полесно исклучување од парно греење, за претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, може да доведе до намалување на корисниците на топлинска енергија и поскапа цена на греењето, затоа што многу домаќинства ќе преминат на греење со електрична енергија, што може да предизвика оптоварување на електричната мрежа во делови од Скопје.

– Со оваа Одлука се либерализира постапката за исклучување на потрошувачите од системот за топлинска енергија. Тоа може да доведе до зголемен број исклучени потрошувачи, што, пак, ќе влијае негативно на цената за топлинска енергија, односно ќе доведе до нејзино зголемување. Особено се плашам дека тие потрошувачи кои би се исклучиле и би почнале да се греат на струја, ќе го оптоварат дистрибутивниот систем во Скопје – рече Бислимоски.

Исто така, РКЕ ги повика сите енергетски компании да ги обноват своите лиценци до 30 јуни, во спротивно од 1 јули нема да смеат да работат. Ова се однесува на околу 1.800 носители на лиценци од сите енергетски области.

Во врска со прекинот на струја пред минатиот викенд во речиси цела Македонија, МЕПСО требало да испрати целосна информација за тоа што се случило.

– МЕПСО ќе распише тендер за поставување поголема кондензаторска батерија во Неготино и тој проблем ќе биде надминат во наредниот период. Во критични режими на работа, операторот на електропреносниот систем секаде во Европа, па и во Македонија, има обврска да преземе мерки за да го задржи целокупниот систем стабилен – вели Бислимоски.

Тој дополни и дека со новиот Закон за енергетика се овозможува поставување батериски системи.

– Верувам дека тоа во наредниот период ќе се случи зашто има голем број сопственици на фотоволтаични електрани, кои се заинтересирани за поставување батериски системи. Тие ќе имаат право да постават батериски системи со моќност колку моќноста на фотоволтаичните електрани. Обврска ќе биде кај сите фотоволтаични електрани и таму каде што има батериски системи, да се постават уреди за далечинско управување на системите. Се разгледува можноста дел од капацитетот на батериите да биде даден на МЕПСО за системски услуги, односно за балансирање, за соодветен пазарен надомест – информира Бислимоски според кого МЕПСО во моментов има системски резерви од ЕСМ, а во некои периоди од денот или годината, тие услуги ги дава и ТЕ-ТО.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ