Палевски во последен обид на докажување невиност, ОЈО му се спротивстави со нови докази

Продолжи судењето за убиството на Вања и Панче

2217

Обвинителството дојде подготвено на судењето за двојното убиство на Вања и Панче, се спротивстави на секој доказ на првообвинетиот Љупчо Палевски, што го презентираше пред Судот во обид да го докаже спротивното од обвинителниот акт, дека е мозокот на операцијата за киднапирање и ликвидатор на жртвите

Љупчо Палевски, првообвинетиот за грозоморните убиства на девојчето Вања и пензионерот Панче, го прави последниот обид на докажување на негова неинволвираност во настаните од 22 до 27 ноември 2023 година. На денешното продолжение од судењето за двојното убиство, Палевски инсистираше да биде форензички вештачена чаурата пронајдена на местото каде што е ликвидиран Жежовски, а во обид да покаже дека е испукана од „зброевката“ на Боре Видевски, пиштол кој досега не е пронајден од страна на истражните органи. Обвинителката прочита информација од велешката полиција дека во базата на регистрирани луѓе, кои поседуваат дозвола за оружје, од обвинетиот Видевски немало пробно испукување како што е пропишано со закон, па така чаурата од кај Панче не може да се спореди со пиштолот што го нема. Чаурата има отисок од игла на „зброевка”, но не може да се вештачи зашто во базата на податоци нема други чаури од тоа оружје за споредба, објасни обвинителката. Судијата Ивица Стефановски ја покажа чаурата ставена во кесичка и го прифати известувањето на МВР како доказ.

„Била направена и компаративна анализа и за пиштолот на Боре Видевски, доставени од полицијата во Велес, од 6 мај 2025 година, и се известува дека со оглед на тоа дека нема податоци за извршено пробно испукување, не е направена споредба и се појаснува дека без доставени чаури од пробно испитување од конкретното оружје не може да се врши компаративно испитување од предметната чаура“, појаснија од обвинителството зошто чаурата не може да се вештачи, како што бара Палевски.

„Наместо вештачење овде гледаме наредба за информации. Така што ова како доказ нема никаква употребна вредност, затоа што поседувам докази кои во оваа дополнителна доказна постапка ќе докажат дека 18 часа по пронаоѓањето на Жежовски, ОЈО било запознаено со ова оружје. Но тие документи на МВР не постојат во истражните списи. Зато ова не е изговор чаурата да не може да биде вештачена. Не ми пречи овој доказ, но инсистирам на наредба за вештачење на чаурата“, побара Палевски од Судот.

Обвинителството „испука“ уште еден клучен доказ во докажување вина кај обвинетиот Боре Видевски, кој претходно негираше дека учествувал во планирање и извршување на грабнувањата. На 22 бил на работа, а на 27 на куќна слава, тврдеше Видевски во судницата. На ваквиот исказ на обвинетиот, обвинителката го спротивстави известувањето од ЈКП Дервен, каде што работи обвинетиот, во кое стои дека на 22.11.2023 и 27.11.2023 не бил на работа според електронската евиденција на претпријатието.

На продолжението од судењето за грозоморното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, првообвинетиот Љупчо Палевски презентираше и службените белешки од видеодоказите од камерите на хотелот „Романтик“, што се наоѓа на Велешко Езеро, што според неговата теорија за настаните, потврдуваат учество на три лица, а не на четири при грабнувањето на Панче Жежовски.

Обвинителството го собори тврдењето на Палевски дека снимките од дворот на Велибор Манев се од друго време. На снимките се гледа како обвинетите со токи-воки се организираат пред да заминат кај Жежовски. ОЈО покажа дека часот не бил поместен од летно на зимско сметање на времето.

На друга снимка, која ја покажа ОЈО, се гледа како Манев внесува лопата во „рено кангу“, пред првиот обид да се грабне девојчето. Иако ова упатува на заклучокот дека обвинетите немале намера да бараат откуп, сепак обвинителството останува на мотивот киднапирање од користољубие. Обвинителките пред медиумите изјавија дека се ќе објаснат во завршниот збор.

Паднаа во вода и тврдењата на Палевски дека сведокот Ерол лаже кога вели оти котелот му го поправал ден по убиството на Панче, бидејќи не можел да го добие на 22-11-2023. Обвинителката ги покажа пораките кои сведокот му ги испраќал на мобилен, но не добивал одговор од првоосомничениот. По дополнување на доказите, следува завршен збор на Обвинителството и обвинетите. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ