Со својот величествен изглед и со историската вредност, палатата „Рубен“ претставува монументална градба во центарот на Скопје. Сместена на улицата „Илинденска”, на излезот од Градскиот парк, таа и денес привлекува внимание, како еден од симболите на минатото и на убавината на градот. Палатата „Рубен“ е станбена зграда на семејството на познатиот скопски заболекар Емил Рубен. Квалитетот на изградбата и многу детали му одолеале на забот на времето, давајќи ѝ историско значење и вредност на оваа градба, која и денес е еден од најзначајните монументи во градот. Преживувајќи го скопскиот земјотрес во 1963 година, палатата е еден од најпознатите локални примери за архитектурата во периодот меѓу двете светски војни

 

Со својот величествен изглед и со историската вредност, палатата „Рубен“ претставува монументална градба во центарот на Скопје. Сместена на улицата „Илинденска”, на излезот од Градскиот парк, таа и денес привлекува внимание, како еден од симболите на минатото и на убавината на градот. Палатата „Рубен“ е станбена зграда на семејството на познатиот скопски заболекар Емил Рубен.

Изградена во 1927 година, таа е дело на рускиот архитект Иван Артемушкин и била наменета како станбен објект за семејството на познатиот скопски заболекар Емил Рубен. Се истакнува со својата стабилна конструкција, со ѕидовите од тула дебели 45 сантиметри и со армиранобетонските елементи. Има приземје, три ката, потпокрив и два посебни влеза: едниот од булеварот „Илинден“, а другиот од денешната улица „Наум Наумовски-Борче“.

Палатата „Рубен“ преживеала разни катастрофи, вклучувајќи го и земјотресот во 1963 година, кога бил оштетен само дел од мансардата, но не и темелите. Квалитетот на изградбата и многу детали му одолеале на забот на времето, давајќи ѝ историско значење и вредност на оваа градба, која и денес е еден од најзначајните монументи во градот. Преживувајќи го скопскиот земјотрес во 1963 година, палатата е еден од најпознатите локални примери за архитектурата во периодот меѓу двете светски војни.

Во 2015 година, Конзерваторскиот центар Скопје направи реставрација на фасадата, следејќи ја оригиналната документација од архитектот Артемушкин. Архитектонски, зградата се одликува со богато украсена фасада: пиластри, венци, ниши, столбови и релјефни орнаменти, како и прозорци со лачни завршетоци. Поради некогашната ниска изграденост на околината, архитектот си дозволил естетско развивање на три од четирите фасади.

Интересен дел од историјата на палатата е и култниот клуб МЦМ, основан во 1990-тите, во нејзиниот сутерен. Името потекнувало од римските броеви на фасадата.

Откако починале двете постари жени што живееле во сутеренот, Игор, еден од наследниците на некои од становите во куќата, кој во тоа време бил прилично млад, решил да отвори клуб. Прво му го понудил клубот на Драган Б. Костиќ за да го води, но тој го одбил, бидејќи во тоа време го водел клубот „23 евергрин“ (под „Бристол“, поранешна „Таверна“). Местото подоцна станало познато како клуб МЦМ, кој успешно бил воден од Зоки Малиот.

Она што е малку познато во врска со оваа куќа е дека во неа се снимал филм со Неда Арнериќ и Емил Рубен.

Во текот на војната, куќата била конфискувана и тука бил сместен Природонаучниот музеј.

Првично била во окер боја, какви што биле и сите други куќи на големците во Скопје, а сега фасадата е во бела боја.

Постојат податоци дека членовите на семејството Рубен се декларирале како Ерменци, а не како Евреи. За поставените пломби во забарската ординација на Емил Рубен, се давала 13-годишна гаранција, а пациентите во тоа време, задоволни од услугите, се фалеле дека ги носеле и по половина век.

Во куќата живеел и Драган Б. Костиќ, и тоа на потпокривот, од 1980 до 1991 година. Таму му се родиле и неговите две деца. Сопствениците не му давале да реновира, ниту, пак, сакале да му го продадат станот. Наоколу живееле многу познати скопски ликови: Милчо Манчевски, Гиш итн.

Во куќата биле гости речиси сите од југословенската естрада: Чолиќ, Бајага, Бреговиќ, Балашевиќ…

Палатата „Рубен“ не е само зграда туку и жив сведок на урбаниот, културниот и на историскиот развој на Скопје – од архитектонска убавина до симбол на духот на градот низ децениите.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ