Младата Естонка Алика Инкери Мосер го собори светскиот рекорд во скок со стап до 18 години, на Европскиот младински фестивал што се одржува во Скопје.
Таа успеа да прескокне 4,52 метри, со што се запиша во историјата на младинската атлетика. Таа за еден сантиметар го надмина претходниот светски рекорд.
Сребрениот медал ѝ припадна на Моана Пејрард од Франција, која скокна 4,05 метри, додека бронза освои Анастасија Бумпулиди од Грција со скок од 3,95 метри.
Одличен ден имаше и Турчинката Елиф Берфин, која со 421,2 остварени круга постави европски рекорд во стрелаштво, гаѓање со воздушен пиштол на 10 метри. Анастасија Живковиќ од Србија го освои второто место, додека трета беше Миа Грош од Австрија.
Од македонските натпреварувачи се истакнаа пливачите, кои дојдоа до нови државни и лични рекорди во повеќе дисциплини. Дамјан Станковски постави државен рекорд до 14 години на 200 метри градно со време 2.35:41 минути, соборувајќи го досегашниот резултат 2.37.90. Лични рекорди на возраст до 15 години поставија Даниел Милошевски на 400 метри слободно (4:25:11 минути), Никола Велковски на 400 метри градно (4:21:50 минути) и Михаил Алексовски на 200 метри градно (2:38,01 минути), како и Милан Јанковски на 100 метри грбно, на возраст до 14 години. Единствена нашата натпреварувачка што избори пласман во полуфиналето е Неда Миленковска, на 200 метри пеперутка.