Грејната сезона во Скопје официјално почнува на 15 октомври, но парно греење корисниците можат да добијат веќе од утре доколку надворешната прогнозирана температура е до 12°Ц.
Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, в четврток и петок на повисоките планини ќе има услови врнежите од дожд да преминуваат во повремен снег. Температурата значително ќе опадне. Во четврток минималната температура ќе биде од 4°Ц до 11°Ц, а максималната од 5°Ц до 13°Ц. В петок минималната температура ќе биде 0°Ц до 6°Ц, а дневната од 6°Ц до 12°Ц. На веб-страницата на „ЕСМ Снабдување“ секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија, сè до 15 октомври
Грејната сезона во Скопје официјално почнува на 15 октомври, но корисниците веќе од утре можат да добијат парно греење доколку надворешната прогнозирана температура е до 12°Ц.
– Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Согласно со регулативата, грејната сезона може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12˚С или пониско, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи – велат од АД ЕСМ.
За утре од Управата за хидрометеоролошки работи прогнозираат дека времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремен локален дожд, Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб северен ветер со минимална температура од 9°Ц и максимална до 19°Ц.
– Од среда попладне до петок под влијание на нов влажен бран ќе има врнежи од дожд, локално пообилни (преку 30 литри на квадратен метар). Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, в четврток и петок на повисоките планини ќе има услови врнежите од дожд да преминуваат во повремен снег. Температурата значително ќе опадне. В четврток минималната температура ќе биде од 4°Ц до 11°Ц, а максималната од 5°Ц до 13°Ц. Во петок минималната температура ќе биде 0°Ц до 6°Ц, а дневната од 6°Ц до 12°Ц. Во деновите од викендот ќе има стабилизирање на времето и постепен пораст на дневната температура. В сабота минималната температура ќе биде од 1°Ц до 6°Ц, а максималната од 10°Ц до 18°Ц – соопштуваат од УХМР.
На веб-страницата на „ЕСМ Снабдување“ секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија, сè до 15 октомври. Овие информации ќе бидат објавувани согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и врз основа на прогнозите за средна дневна температура на воздухот во Скопје од УХМР.
– Навременото снабдување со топлинска енергија е клучно за комфорот на нашите потрошувачи. Затоа апелираме да се следат препораките и да се соработува со службените лица за да се обезбеди сигурно функционирање на системот. Ги повикуваме сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина. Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација – велат од АД ЕСМ.
Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина, кој е достапен на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.
(С.Бл.)