Фијаско доживеаја кошаркарите на Куманово и Чаир во натпревар од Првата македонска лига. Откако ден претходно не можеа да го одиграат натпреварот од 12. коло поради лизгав паркет, салата во Куманово очигледно не е подготвена за спортски натпревари, иако, неодамна, за нејзина реконструкција беа потрошени повеќе од два милиони евра.
Имено, за време на загревањето, центарот на домашниот тим, Урош Луковиќ, при обично забивање предизвика паѓање на 24-секундниот семафор поставен над таблата. Иако дефектот беше брзо саниран за да се избегне ново одложување, Урош Луковиќ доби техничка грешка, што предизвика револт кај домашната јавност бидејќи дефектот беше резултат на лошо монтираната опрема, а не на прекумерната сила.
И покрај огромната инвестиција, салата се соочува со елементарни проблеми како што се недостаток на функционално греење и ладење. Ова укажува на можни пропусти во надзорот на градежните работи или несоодветно планирање на приоритетите при реновирањето. Наместо да биде гордост на градот и модерен спортски центар, објектот стана симбол за нефункционалност, каде што скапо платената опрема и подлога не ги задоволуваат стандардите за професионални натпревари во Македонија.
За да биде парадоксот уште поголем, токму во салата во Куманово ќе се одиграат и натпреварите од завршницата во Купот на Македонија, па останува да видиме дали овој објект ќе одговори на барањата и на прописите во периодот од 13 до 15 февруари, за кога се закажани куп-натпреварите.
Инаку, до победа дојде тимот на Чаир, кој на гости беше подобар од Куманово со 76:71, во натпревар кој почна еден ден претходно, но поради лизгавиот под беше прекинат на самиот почеток.
До триумф во ова 12. коло дојде и тимот на ТФТ, кој ја оствари 11. победа во домашното првенство, откако пред своја публика славеше против Кожув со 96:83, во рамки на 12. коло во Суперлигата. Со овој триумф, ТФТ се врати на лидерското место на табелата со 23 бода, пред МЗТ Скопје со 22, додека Кожув е четврти со 19 бода.











