Жителите од населбата Дељан бараат од Општина Охрид веднаш да го отстрани борот и да го ослободи возилото. Тие реагираат за тоа што надлежните од Општина Охрид уште пред неколку години го обележале борот како опасен и за отстранување, но сега не сакаат да дојдат да го отстранат и да ја ослободат смачканата кола со образложение дека тоа не е нивна работа и оти граѓаните треба сами да го отстранат, иако, како што нагласуваат, тој се наоѓа на земјиште во сопственост на државата

Жителите од населбата Даљан се жалат дека сè уште не е отстранет огромен десетметарски бор што се откорнал во невремето што се случи на 22.11.2025 година, на улицата „ Сатеска“, број 40 и што паднал врз паркирано возило и дека возилото сè уште е потиснато од него.
Бараат од Општина Охрид веднаш да го отстрани борот и да го ослободи возилото. Тие реагираат на тоа што надлежните од Општина Охрид уште пред неколку години го обележале борот како опасен и за отстранување, но не сакаат да дојдат да го отстранат и да ја ослободат смачканата кола со образложение дека тоа не е нивна работа и оти граѓаните треба сами да го отстранат, иако, како што нагласуваат, тој се наоѓа на земјиште во сопственост на државата.
Жителите објаснуваат дека местото каде што паднал борот било пешачка зона по која се движеле станарите на зграда со три влеза и дека, за цела среќа, кога се откорнал, немало пешаци, инаку ќе имало и човечки жртви.
Раскажуваат дека веднаш била повикана пожарникарска служба за итно да се реагира, но и таа се прогласила за ненадлежна и си заминала. Биле повикани и претставници од Општина Охрид и од општинското претпријатие „Комуналец“, кои наместо итно да реагираат и да го отстранат паднатото масивно дрво, си заминале без да дадат конкретен одговор дали ќе го отстранат и кога ќе го сторат тоа и покрај тоа што им било посочено дека уште пред неколку години, на таа локација, исто така имало паднат бор, по што претставниците на Општина Охрид ги обележале и другите борови како опасни и дека и тие мора да бидат отстранети.
Според кажувањата на жителите, Општина Охрид и по неколку години не ги отстранила боровите. што довело до повторна несреќа.
– Срамота е што Општина Охрид не им помага на жителите од приградските населби во услови на елементарна непогода. Пред некој ден, падна исто такво дрво во центарот на градот и од Општината со помпа и со телевизии го кренаа истиот ден за да покажат колку се ефикасни, а нам ни велат сами да си го отстраниме, бидејќи сме на периферијата од градот и никој не гледа. Ние, жителите на населбата Даљан, не сме граѓани од втор ред и ние плаќаме данок како граѓаните од центар и Општината треба подеднакво да се грижи и да си ја извршува работата подеднакво во сите населби, а не само во центар – се жалат жителите на населбата Даљан.
Градоначалникот Кирил Пецаков објасни дека станарите од зградата, бидејќи дрвото било во дворот на зградата, уште во 2023 година добиле решение за негово отстранување, но тие не презеле ништо околу тоа.
– Тие досега не го отстраниле дрвото преку својот управител за домување – изјави Пецаков.
(А. П.)












