Паднаа царинските стапки за 67 стоки, претежно суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија, а особено значајна е мерката за намалување на царината на литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија, што ќе придонесе за развој на енергетскиот сектор, подобрување на стабилноста на електроенергетскиот систем и поддршка на инвестициите во обновливи извори.
Ова е предвидено со измените на Законот за царинска тарифа кои беа усвоени во Собранието.
– Законот е подготвен во консултација со Стопанските комори и претставува продолжување на политиките за поддршка на бизнис заедницата. Главна цел е зголемување на конкурентноста, поттикнување на извозот и привлекување на нови инвестиции, особено во преработувачката индустрија, металургијата, автомобилската индустрија и енергетиката. Намалувањето на царинските стапки е направено за 50% од разликата меѓу постојните стапки и оние што ги применува ЕУ, во согласност со правилата на Светската трговска организација – информираа од Министерството за финансии.
Истовремено се укинуваат царинските давачки за увоз на стоки со потекло од Соединетите Американски Држави. Се очекува целосната либерализација на увозот на стоки со потекло од САД да ја засили конкуренцијата на домашниот пазар и испраќа позитивна економска порака во меѓународната трговија, со што се поттикнува воспоставување на реципроцитет и продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Според пратеникот на ВМРО-ДМПНЕ, Љупчо Пренџов, овие мерки ќе имаат повеќеслојно позитивно влијание: намалени трошоци за производство, подобрена конкурентност на домашните компании на странските пазари и поттикнување на нови инвестиции и отворање нови работни места.
Како што рече Пренџов, укинувањето на царините за стоки со потекло од Соединетите американски држави не е само трговска, туку и стратешка и дипломатска одлука – сигнал за нашата зголемена подготвеност за продлабочена економска соработка со стратешките партнери и поддршка за слободната и фер трговија.
– Со оваа законска измена македонските компании ќе бидат поконкурентни, цените на производството ќе се намалат, извозот ќе се зголеми, што директно ќе се одрази врз растот на националната економија – рече Пренџов.