„Паднаа“ албански наркодилери – од Латинска Америка носеле тони кокаин во ЕУ

По апсењето на клучен член на организацијата од страна на албанските власти кон крајот на јуни 2025 година, при претресите биле запленети хотели, вили, станови, парцели, возила и акции во компании, во вредност од неколку милиони евра, соопшти Европол. Водачот на криминалната група, кој веќе беше баран за повеќе кривични дела, вклучувајќи убиство и перење пари, го координирал транспортот на големи количини кокаин од Латинска Америка до пристаништата во ЕУ, вклучувајќи ги Хамбург и Ротердам. Само од една пратка, групата заработила повеќе од 40 милиони долари

281

Десет членови на меѓународно активна албанска криминална мрежа вклучена во трговија со кокаин во големи количини и перење пари се уапсени во серија координирани рации во Албанија, објави Европол. Операцијата, спроведена на 7 и 8 август, била координирана од страна на албанските сили за спроведување на законот и партнери од Белгија, Франција, Германија, Италија и Холандија, со поддршка на Европол.

Истражувањата покажале дека мрежата има врски со други меѓународни високоризични поликриминални организации кои дејствуваат низ Европската унија и пошироко. По апсењето на клучен член на организацијата од страна на албанските власти кон крајот на јуни 2025 година, при претресите биле запленети хотели, вили, станови, парцели, возила и акции во компании, во вредност од неколку милиони евра.

Запленети се и повеќе од 100.000 евра во готово и друга валута.

Водачот на криминалната група, кој веќе беше баран за повеќе кривични дела, вклучувајќи убиство и перење пари, го координирал транспортот на големи количини кокаин од Латинска Америка до пристаништата во ЕУ, вклучувајќи ги Хамбург и Ротердам. Само од една пратка, групата заработила повеќе од 40 милиони долари.

-Лидерот на криминалната организација бил задолжен за организирање на пратките и инвестирање во многу големи количини кокаин. Тој ги координирал овие масивни криминални операции и од оддалечени локации, користејќи енкриптирани средства за комуникација. Пред неговото апсење, по него била распишана потерница врз основа на одлука на албански суд кој ја признал 21-годишната затворска казна изречена од италијански суд за убиство, лишување од слобода, обид за прикривање на труп, закани, незаконито поседување експлозив и муниција, како и попречување на правдата, појаснува Европол.

Албанската организирана криминална мрежа делувала во глобален опсег, соработувајќи со други групи кои можеле да овозможат транспорт до пристаништа во Европската унија. Таа ги инвестирала своите огромни приходи, кои достигнувале десетици милиони евра, во недвижности и бизниси низ Албанија и други европски држави.

Европол обезбедил клучна поддршка во анализата на податоци и меѓународната соработка за време на операцијата, распоредувајќи експерти во Тирана и олеснувајќи ја размената на информации меѓу вклучените земји. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ