Не може да се спаси култниот загрепски објект, облакодерот на „Вијесник“, кој изгоре во пожар минатата недела, оценија експертите. Потпретседателот на хрватската Влада, Бранко Бачиќ, денеска објави дека експертите од Хрватскитот центар за земјотресно инженерство констатирале дека објектот треба да се сруши најитно што може бидејќи неговата конструкција не е сигурна и претставува опасност.
За предизвикување на пожарот се осомничени двајца 18-годишници кои во објектот запалиле картонска кутија полна со хартија. Тие добија притвор во траење од еден месец, а според адвокатот Мирко Миличевиќ, се соочуваат со казна од една до десет години затвор. Тој посочува дека сега клучното прашање е кој ќе ја надомести повеќемилионската штета.
– Можно е ако се докаже вината на осомничените, нивниот имот да биде оптоварен со обврската, па целиот свој живот тие да ја враќаат настанатата штета, објасни Миличевиќ.












