Во паркот во Ѓорче Петров вчера се случи инцидент и за среќа нема повредени. Сведоци на инцидентот на фејсбук-групата „Мое Ѓорче“ објавија дека станува збор за исушено дрво за кое повеќе пати било алармирано до Град Скопје да се отстрани, и за среќа во несреќа паднало на 2 метри од клупа во паркот на која седеле возрасни луѓе, а наоколу си играле деца.
Гоце Настоски од Ѓорче Петров вели дека ако брезата зад клупата на која седел не го пренасочила при паѓањето на стеблото на сувото дрво, тоа директно ќе паднело врз него и врз децата.
– Јас бев директен учесник на настанот. Седев на клупата, а гранки од дрвото паднаа врз мојата глава. Потоа дојдоа луѓе од комуналната служба на општина Ѓорче Петров, го исекоа дрвото и го расчистија нередот. Еден вработен од општината вртеше на телефон за да извести што се случи, а мене ми рече денов да си го прогласам за втор роденден – вели Настоски кој на фејсбук-групата објави фотографии од инцидентот.
Друг анонимен жител на Ѓорче Петров вели дека неговите две деца играле кога два метри од нив се струполило дрвото.
– Паркот е во надлежност на ЈП „Паркови и зеленило“ и Град Скопје. Над двесте пати се имаме јавено кај нив за да поведат сметка. И пак им вртевме, но никој не крена. Зарем да гинеме по парковите – прашува тој.
Кума лија шета по скопски улици
Вознемирени граѓани објавуваат видеа дека глутница лисици ноќно време шетаат по улицата „Ловќенска“ во населбата Козле, а денеска една била забележана и во Гази Баба, кај Природно-математичкиот факултет.
Граѓаните се вознемирени затоа што ова диво животно е предатор и напаѓа и домашни миленици. Според изјави на мештани, лисиците сè почесто се присутни во близина на домовите.
– Првпат видовме една лисица пред неколку дена, но сега се појавуваат по неколку одеднаш. Стравуваме за безбедноста на децата и милениците – вели еден загрижен жител и бара надлежните институции да преземат мерки за спречуање на дивите животни да се спуштаат од планината и слободно да шетаат по улиците.
Вакви случки се почести во зони меѓу урбаната и руралната средина, затоа што животните поради недостиг на храна и нарушена природна средина, бараат засолниште и храна во населени места.
Минатата години често беа инцидентите со мечки по шарпланинските села кои во потрага по храна влегуваат во населените места.
(С.Бл.)