Петте европски членки на НАТО денес објавија дека ќе работат заедно на развој на нови автономни дронови со ниска цена за зајакнување на воздушната одбрана од Русија, пренесе „Бета“.
Министрите за одбрана на Германија, Франција, Италија, Полска и Обединетото Кралство, група позната како E5, објавија дека ќе ја започнат иницијативата LEAP (Ефектори со ниска цена и автономни платформи) со цел да започнат со производство на дронови во рок од една година.
„Заедно, имаме некои од најдобрите уреди на планетата за соборување на воздушни закани. Уверени сме дека ова е првиот чекор од она што се надеваме дека ќе биде серија иницијативи“, изјави британскиот заменик-министер за одбрана Лук Полард за новинарите по состанокот во Краков.
Иницијативата ги одразува растечките загрижености за заштитата на европското небо, по серијата воздушни упади низ земјите на НАТО минатата година, од руски борбени авиони над Естонија до роеви дронови што влегоа во полскиот воздушен простор, објави „Политико“.
Иако НАТО ги неутрализираше заканите, додаде бриселскиот весник, се соочи со критики за собирање борбени авиони во вредност од милиони долари за соборување беспилотни летала што чинат илјадници долари.
„Проблемот е да се биде ефикасен во соборувањето на релативно евтини ракети, беспилотни летала и други закани со кои се соочуваме. Мора да се осигураме дека цената на заканите е усогласена со цената на одбраната“, рече Полард.
Проектот за воздушна одбрана ќе чини милиони евра, рече Полард, додавајќи дека првенствено ќе се фокусира на производство на ефектори за беспилотни летала, делот од опремата што дејствува на целта, како што се експлозивен товар.
Иницијативата е дел од поширокиот напор на Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана и да ги зајакне воените капацитети, по притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп и сомнежите во посветеноста на Вашингтон кон НАТО алијансата и заштитата на европскиот континент.
Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш рече дека „Европа е мотивирана да продолжи напред“ во однос на одбраната.












