Владата и претставниците на синдикатите постигнаа договор за потпишување индивидуални договори за околу 11.000 административци, со кои платите ќе растат секоја година и до 2028 година ќе се покачат за околу 40 % во однос на сегашното ниво. Според синдикатите, административците, вклучително и службениците во судовите и во обвинителствата, досега заостануваа со покачувањето во споредба со другите вработени и спаѓаа меѓу најниско платените во јавниот сектор. Премиерот Христијан Мицкоски денеска потенцираше дека повисоките плати не се само бонус туку и очекува административците да го подобрат квалитетот на услугите кон граѓаните, што Владата ќе го мери на месечно ниво, преку истражување на задоволството. Според него, ова е дел од серијата храбри чекори на Владата за подобрување на јавната администрација и за воспоставување стабилни, долгогодишни договори со вработените.
– Ова е еден поширок пакет каде што ќе бидат опфатени, заедно со вработените во судовите и во обвинителствата, некаде околу 11.000 вработени и со ова целосно Владата, како најголем работодавец, практично со своите колеги воспоставува договор и тој договор е со рок на траење до 2028 година. Претходно имавме вакви договори и со вработените во образованието и со вработените во здравството и во другите институции, така што кога ќе се заокружи сето ова, ние, како Влада, како најголем работодавец, практично ги имаме регулирано нашите односи со нашите колеги во рамките на институциите. Ова е историски момент, бидејќи никогаш порано не се случило да имаме ваков план за зголемување на платите и нивно усогласување за да дојдеме до некое достоинствено ниво – истакна Мицкоски по средбата со репрезентативните синдикати во Владата.
Премиерот рече дека ова се храбри чекори што, со домаќинско, зрело и одговорно работење, ги прави Владата дури и во услови на светски и домашни предизвици што влијаат на економијата. Мицкоски посочи дека овој договор е со рок на траење до 2028 година, до кога власта очекува да се договори со синдикатите за нов општ колективен договор.
– Цениме дека една ваква вин-вин комбинација, односно двете страни да добијат, а најмногу граѓаните и најмногу државата, се разбира, можеме да го направиме со едно зрело работење и со една доверба полека, но сигурно со одредени структури во синдикатите. Не велам со сите, но со одредени структури во синдикатите, ние, како Влада, ја имаме и градиме, бидејќи има структури што, за жал, никако да излезат од политичките прегратки на одредени политички партии – рече Мицкоски.
Премиерот потенцира дека за возврат очекува да се зголеми квалитетот на услугите што ги даваат административците и посочи дека Владата месечно ќе го мери квалитетот на работа на административците преку испитување на задоволството на граѓаните од услугите, како што прави и досега.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски, и претседателот на Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството (САДУ), Благоја Ралповски, истакнаа дека овој договор е историска придобивка за вработените во администрацијата и со оглед на тоа што Општиот колективен договор во јавниот сектор е истечен, наскоро ќе треба да почнат преговори за потпишување нов општ колективен договор.
– По речиси една и пол година преговори и барање на Синдикатот на УПОЗ, постигнавме договор со Владата: ќе се потпишуваат поединечни колективни договори со кои, конечно ,вработените во управата и во правосудството ќе имаат методологија за покачување на платите. Потенциравме многу пати во минатото дека овие вработени остануваа некако сами, на крај, но со ова покачување на платата ќе имаме и поповолно право од она во Општиот колективен договор, како и систем до 2028 година што ќе гарантира дека ќе имаат достоинствени плати. Останува да го прецизираме текстот на колективниот договор, што мислам дека ќе биде најмал проблем, и да ги потпишеме сите индивидуални колективни договори за да може вработените да добијат повисоки плати – рече Деановски.
Ралповски истакна дека неправдата е, конечно, исправена и изрази благодарност до премиерот Мицкоски, за кого рече дека имал разбирање за овие вработени, како и до министрите, особено до министерката за финансии, која нашла пари во буџетот за ова зголемување.
– Денеска се случува историска придобивка за вработените во администрацијата. Ова покачување требаше да се случи лани. Се радувам дека и колегите, конечно ,го прифатија ова како поповолно право за вработените кои секогаш остануваат најназад со платата и имаа најмали плати во јавниот сектор. Ова е историски момент – истакна Ралповски.
Паралелно со овој процес, и Сојузот на синдикатите на Македонија, во чиј состав е и УПОЗ, бара да се зголеми минималната плата на 600 евра, а другите плати да пораснат најмалку за 100 евра, а, според законскиот предвиден раст, платите во март треба да се покачат за околу 2.000 денари. Владата, сепак, тврди дека зголемувањето треба да се случи според законскиот рок, освен ако работодавците и синдикатите не се договорат поинаку.
Премиерот Мицкоски истакна дека државата нема да ја покрива разликата во придонесите доколку компаниите сами одлучат за повисоки плати, потенцирајќи дека државата веќе помага преку поволни заеми и други мерки. Тој рече дека очекува наскоро и со ССМ и КСС да испреговараат нов Општ колективен договор.
Синдикатите најавија дека во вторник ќе го блокираат Собранието за да притиснат за гласање за зголемување на минималната плата. Доколку не реагираат пратениците, ќе започне собирање 10.000 потписи за намалување на функционерските и за покачување на работничките плати.
Во врска со платите на функционерите, премиерот денеска напомена дека коефициентите ќе се корегираат согласно законот, до крајот на февруари. (В.С.Н.)












