Управата за јавни приходи вчера ја информира јавноста дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопштија во саботата од УЈП.
Од другата страна, расте револтот на граѓаните кои се жалат дека не можат да ја користат апликацијата и да скенираат сметки. Социјалните мрежи вријат од незадоволни граѓани кои бараат одговорност и транспарентност од институциите, но и посочуваат дека слични прекини во работата на апликацијата се случуваат сè почесто.