Вредноста на богатството на американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот се намали за речиси 300 милиони долари, продолжувајќи го повеќемесечниот пад, бидејќи акциите на „Трамп медиа енд Технолоџи груп“ потонаа за повеќе од 11 отсто и достигнаа најниско ниво од октомври, објави „Форбс“.
Богатството на Трамп се намали на 4,6 милијарди долари, а падот на акциите на неговата компанија се совпадна со поширокиот пад на берзата кој се припишува на изјавата на Трамп дека не исклучува рецесија во 2025 година.
И милијардерот Илон Маск, кој е раководител на новоформираната институција за владина ефикасност – ДОГЕ во администрацијата на Трамп, остана без дел од своите милијарди. Неговото нето-богатство во понеделникот се намали за 22,8 милијарди долари, а акциите на неговата компанија „Тесла“ паднаа за повеќе од 15 отсто.
Богатството на Маск сега се проценува на 319,6 милијарди долари, што сè уште го прави убедливо најбогатиот човек во светот. Тој води со повеќе од 100 милијарди долари пред второпласираниот Џеф Безос.