сабота, јануари 31, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Пациентите од пожарот во Кочани кои се на лекување во Србија се...

Пациентите од пожарот во Кочани кои се на лекување во Србија се во сериозна и тешка состојба

133

Шест пациенти од пожарот во Кочани се на лекување во Воено-медицинската академија во Белград и еден е во Ниш и сите се во тешка состојба, јави МИА од Белград. Тоа го изјави попладнево заменик началникот на ВМА, Иван Лековиќ, пренесе попладнево српски Блиц.

Пациентите се транспортирани со три амбулантни возила и транспортен авион на Армијата на Србија, а еден пациент со воен санитет е пренесен во Воената болница во Ниш.

„Сите пациенти примени на ВМА се млади, родени од 1998 до 2007 година и се на одделението за Интензивна нега, а нивната состојба е сериозна и тешка“, изјави полковник Лековиќ.

„Покрај изгорениците што ги имаат сите, пациентите имаат и знаци и симптоми на труење од гасови  како и повреди при вдишување, односно оштетувања на дишните органи и бели дробови. Третманот е долготраен, бара бројни хируршки интервенции, вклучување на бројни други специјалисти… Сето тоа бара време и многу труд“, рече полковник Лековиќ.

Пациентот кој е примен во Воената болница во Ниш е опериран и исто така е во тешка состојба.

Заменик-началникот на Воено-медицинската академија потсети дека со медицински транспорт испратиле шестчлена медицинска екипа во Македонија.

„Тие останаа во Скопје и им помагаат на колегите од Македонија во хируршкото лекување на пациентите. Ќе бидат таму онолку колку што е потребно“, нагласи полковникот Лековиќ.

Кога станува збор за идна евакуација на пациенти, Лековиќ истакна дека српски воено-транспортен авион ќе слета во Скопје, каде ќе пренесе 12 нови пациенти и дека по тријажа и проценка на нивната состојба, тие ќе бидат распоредени во ВМА и во Клиничкиот центар на Србија.

ИЗДВОЕНИ