Грејпфрутот е овошје што го поттикнува слабеењето, го зајакнува имунитетот и го подобрува варењето на храната. Нискокалоричен, богат со витамини и со влакна, тој е погоден е и за дијабетичарите. Овошјето често е богато со шеќер, па затоа луѓето што сакаат да ослабат треба да бидат внимателни во врска со количината што ја внесуваат. Сепак, ова правило не важи за грејпфрутот, овошје што не само што го поттикнува согорувањето на масното ткиво туку и му обезбедува на телото бројни важни хранливи материи.
Многумина го избегнуваат поради неговиот горчлив вкус, но дефинитивно заслужува место во менито. Ова овошје ги поддржува циркулацијата и здравјето на срцето, богато е со витамини и со минерали, а во исто време придонесува во слабеењето. Може да го консумираат и дијабетичарите, бидејќи содржи само 36 калории на 100 грама и има низок гликемиски индекс.
Најмногу се состои од вода, но неговата хранлива вредност е висока. Тој е богат со моќни антиоксиданси, кои ги штитат клетките од оксидативен стрес. Особено е важно да се спомене големата содржина на витамин Ц, кој го зајакнува имунитетот, го забрзува заздравувањето на раните и го штити телото од инфекции.
Покрај тоа, грејпфрутот е одличен за дигестивниот систем благодарение на големата содржина на диетални влакна. Влакната го поттикнуваат редовното варење, спречуваат запек и помагаат во одржувањето на здрава цревна флора. Исто така, тие ја забавуваат апсорпцијата на шеќер во крвта, што е особено корисно за луѓе што го следат нивото на гликоза или имаат дијабетес.
Накратко, грејпфрутот е овошје што не само што освежува туку и активно придонесува за здравјето и за губењето на тежината, што го прави исклучително вреден додаток во секојдневната исхрана.












