Експертите сè повеќе истакнуваат дека малите промени во секојдневните навики можат да имаат големо влијание врз долговечноста. Една од нив се однесува на пијалок што многумина од нас веќе го пијат секој ден. Според новите истражувања, редовното и умерено уживање во овој пијалок би можело да ни помогне да живееме подолг и поздрав живот.
Тоа е зелениот чај.
Зелениот чај е богат со катехини, особено соединенија познати како EGCG (епигалокатехин-3-галат). Овие моќни антиоксиданси помагаат во борбата против оксидативниот стрес и воспалението, главните причини за стареење и хронични заболувања. Според еден истражувачки преглед, „антиоксидантната активност на зелениот чај – неговата способност да ги неутрализира реактивните кислородни видови – го прави моќен сојузник во намалувањето на стресот“, објавува SheFinds.
Една голема студија на повеќе од 160.000 возрасни покажа дека оние кои редовно пиеле зелен чај имале помал ризик од смрт од која било причина, вклучувајќи срцеви заболувања и рак.
Групата со најголема потрошувачка (повеќе од 10 грама листови чај дневно) имала коефициент на ризик од 0,89 за вкупна смртност во споредба со оние кои не пиеле чај. Друга студија покажала дека оние кои пиеле зелен чај живееле во просек околу една година подолго од оние кои не пиеле.
Зелениот чај може да има и позитивни ефекти врз мозокот. Јапонска десетгодишна кохортна студија покажала дека луѓето кои го пиеле редовно имале 28 проценти помал ризик од когнитивен пад. Најдобрите ефекти се постигнуваат со две до четири чаши на ден, додека прекумерната потрошувачка не носи дополнителни придобивки.
Сепак, клучно е да се избегне додавање шеќер, сируп и други адитиви, бидејќи со тоа се губи голем дел од придобивките. Експертите нагласуваат дека овие ефекти биле забележани кај луѓе кои генерално воделе здрав начин на живот – не пушеле, пиеле алкохол умерено и вежбале редовно.












