Ејми Хант е новото големо име на британската атлетика, откако 24-годишната спринтерка пред неколку недели имаше неверојатен викенд на Европското првенство и освои дури четири златни медали. Нејзиниот историски настап кулминираше во штафетата 4х100 метри, каде што со фантастична последна измена ѝ донесе победа на Велика Британија.
Хант ја презеде палката со заостанување зад Германката Џина Ликенкемпер, но потоа започна неверојатната потера. Со својот долг чекор, Британката успеа да ја стигне ривалката, а потоа сигурно да ја мине целта и да го запечати уште едно злато. Времето од 39,97 секунди беше и нов европски рекорд, додека Германија го освои среброто, а Шпанија бронзата.
По минувањето низ целта, Хант го прослави успехот на свој препознатлив начин. Ги рашири рацете, го исплази јазикот, а потоа кон камерата покажа четири прста, јасно симболизирајќи ги четирите златни медали кои ги освои во Загреб.
- Ова е сон што се оствари. Ќе ја паметам оваа недела до крајот на мојот живот, изјави Хант по историскиот успех. Таа стана првата атлетичарка во 92-годишната историја на Европските првенства која успеала да освои четири златни медали на едно издание.
Нејзиниот подвиг станува уште поголем ако се земе предвид фактот дека за само седум дена мораше да истрча седум трки. Тоа бара огромна физичка подготвеност, но и неверојатна ментална сила, особено кога секој ден се борите за медал.
- Мислам дека ги надминав сопствените очекувања. Не само во однос на резултатите, туку и во начинот на кој се справив со притисокот, фокусот, закрепнувањето и целата дисциплина, рече Британката.
Хант, сепак, не сака целата заслуга да биде само нејзина. По триумфот во штафетата, таа посебно ги пофали своите колеги Џеремаја Азу, Дина Ашер-Смит и Жарнел Хјуз. Британскиот тим непосредно пред трката направил промена во составот и новата комбинација функционирала совршено.
Приказната за Хант е особено интересна поради тешкиот пат кој го поминала до врвот. Светот првпат сериозно слушна за неа во 2019 година, кога како 17-годишна атлетичарка го собори светскиот рекорд за лица под 18 години на 200 метри.
Тогаш се чинеше дека пред неа е блескава кариера без сериозни пречки. Британскиот „Вог“ ја вброи меѓу лицата на деценијата, а Хант брзо се наметна како една од најголемите надежи на британската атлетика.
Сепак, преминот во сениорска конкуренција не беше лесен. Пандемијата дополнително го наруши нејзиниот развој, а потоа следуваше и сериозна повреда која можеше целосно да ѝ ја промени кариерата.
На почетокот на 2022 година Хант заработи тешко кинење на тетивата на квадрицепсот и мораше да биде оперирана. Во тој период минувала низ исклучително тежок период, а нејзината мајка дури морала да ѝ помага при секојдневните активности.
- Имаше искра во мене која ми велеше дека вреди. Да продолжам. Дека навистина имам нешто посебно, раскажа Хант за најтешкиот период во нејзината кариера.
Покрај спортот, Британката не сакаше да го жртвува ниту образованието. Таа дипломираше англиска книжевност на престижниот Универзитет во Кембриџ во 2023 година, што беше уште еден доказ за нејзината огромна дисциплина и амбиција.
Балансирањето меѓу студиите на еден од најпрестижните универзитети во светот и професионалната атлетика било исклучително тешко. Хант откри дека на крајот од секоја година размислувала дали да се откаже, но секогаш наоѓала сила да продолжи.
Веднаш по дипломирањето направила уште една важна одлука и се преселила во Падова, каде што започнала да работи со тренерот Марко Аирале. Тој потег се покажа како клучен за нејзиниот понатамошен развој.
Круна на нејзиното враќање беше Светското првенство во 2025 година во Токио, каде што освои сензационално сребро на 200 метри. Таму повторно покажа дека тешките моменти се зад неа и дека има квалитет да се бори со најдобрите во светот.
Сега, со четирите златни медали од Европското првенство, Хант испиша нова страница во историјата и дополнително го зацврсти својот статус како една од најголемите британски спортски ѕвезди.
Нејзината приказна покажува дека талентот сам по себе не е доволен. По повредите, психолошките проблеми, пандемијата и огромниот притисок, Хант успеа повторно да стигне до самиот врв.
- Можеш да бидеш академски опасна и божица на атлетската патека, порача Хант по еден од своите големи успеси.
А по спектаклот во Загреб, веќе никој нема дилема дека британската атлетика доби нова суперѕвезда.











