Само 20,3 проценти од Украинците би гласале за претседателот Володимир Зеленски на следните претседателски избори, според анкета на „Инфо Сапиенс“ објавена вчера. И покрај падот на поддршката, Зеленски останува најпопуларниот поединечен кандидат, пишува „Киев Индепендент“.
Анкетата е спроведена помеѓу 13 и 28 ноември, неколку дена откако Украина беше погодена од голем корупциски скандал во кој беа вклучени сојузниците на Зеленски.
Во октомври, еден месец пред да избие скандалот, поддршката за Зеленски беше 24,3 проценти.
Резултати од анкетата:
Володимир Зеленски – 20,3 проценти
Валери Залужни – 19,1 процент
Кирил Буданов – 5,1 процент
Поранешниот командант на украинските вооружени сили, сега амбасадор на Украина во Велика Британија, Валери Залужни е на второто место со 19,1 процент поддршка, што е зголемување од три процентни поени во споредба со октомври.
На трето место се најде шефот на украинската воена разузнавачка служба, Кирил Буданов, со поддршка од 5,1 процент. Околу 23,6 проценти од испитаниците не знаеја како да одговорат или одбија да одговорат.
Анкетата е спроведена на примерок од 1.000 испитаници.
Во хипотетички сценарио за парламентарни избори, 21,8 проценти од испитаниците рекле дека би поддржале сè уште непостоечка партија предводена од Залужни, додека партијата на Володимир Зеленски би освоила 11,5 проценти од гласовите.
И Залужни и Буданов досега ја отфрлија или игнорираа можноста за влегување во политиката. Анкетата е спроведена преку телефон на примерок од 1.000 Украинци на возраст од 16 години и повеќе.
Кога ја презеде функцијата претседател во 2019 година, Зеленски имаше поддршка од околу 80 проценти од Украинците. До февруари 2022 година, таа бројка падна на 37 проценти, пред да се искачи на 90 проценти по почетокот на целосната инвазија на Русија.
Анкета на Меѓународниот институт за социологија во Киев (KIIS) спроведена претходно оваа есен покажа дека 60 проценти од Украинците сè уште му веруваат на Зеленски, додека 35 проценти немаат доверба. Истата анкета покажа дека само 25 проценти од Украинците веруваат дека Зеленски треба да остане на функцијата по завршувањето на војната.
Трамп вели дека е време за избори
Според украинскиот устав, изборите можат да се одржат само по завршувањето на воената состојба, која беше прогласена на почетокот на руската инвазија во 2022 година. Зеленски во септември рече дека е отворен да не се кандидира повторно по војната.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во интервју за Политико изјави дека е време Украина да одржи избори. Неговите коментари доаѓаат во време кога Вашингтон го зголемува притисокот врз Киев да преговара за мировен договор за да се стави крај на руската војна.












