За професорот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, состојбата со аерозагадувањето е крајно алармантна.

– Дури мислам дека е многу поопасно и поалармантно од тоа што се зборува и за тоа што се води грижа. За жал, ваквите проблеми не може да се решат прекуноќ, потребни се време, стратегија и осмислување на сето ова. Знаеме кои се главните загадувачи и затоа треба веднаш да се започне со стратегија како да се намали редукцијата на штетни гасови – вели Марковски.

Високите концентрации на отрови во скопскиот воздух ги активираа алармантните мерки во главниот град, кои предвидуваат контроли на индустријата и на издувните гасови на возилата. Има препораки за работодавците: да ги ослободат од работни обврски ризичните вработени, да го реорганизираат работното време и лицата што работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот, а се препорачува и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено

Високите концентрации на отрови во скопскиот воздух ги активираа алармантните мерки пропишани со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух. Алармантните мерки се активираат ако два последователни дена е надминат прагот на суспендирани ПМ-честички со големина до 10 микрометри од 150  мг/м3, а според податоците на мерните станици на Државниот мониторинг, надминат е на мерните места во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат.

Така, на 17 и на 18 декември, сите концентрации на ПМ10-честичките биле над 150 мг/м3, со тоа што највисоки биле во Лисиче 232,26 мг/м3 на 17 декември и уште повисоки на 18 декември, дури 266,60 мг/м3.

За професорот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, состојбата со аерозагадувањето е крајно алармантна.

– Дури мислам дека е многу поопасно и поалармантно од тоа што се зборува и за тоа што се води грижа. За жал, ваквите проблеми не може да се решат прекуноќ, потребни се време, стратегија и осмислување на сето ова. Знаеме кои се главните загадувачи и затоа треба веднаш да се започне со стратегија како да се намали редукцијата на штетни гасови – вели Марковски.

Според него, треба да се преземат некои мерки веднаш, како што се поставувањето филтри на оџаците на индивидуалните објекти што емитираат загаден воздух, а истовремено да се почне со реализација на нивно поврзување на топловодната мрежа, а за контролирање на емитувањето од страна на индустријата, треба да се постават мерачи да се следи и потоа да се преземат соодветни мерки.

– Сообраќајот е еден од големите загадувачи на воздухот, затоа треба итно да се регулира. Такси-возилата да бидат исклучиво на струја, да се набавуваат електрични автомобили и да се дестимулира користењето на индивидуалните автомобили, бидејќи не можеме да ја добиеме трката со нив, туку мораме да направиме квалитетен градски јавен сообраќај. Исто така, добро треба да се размисли дали ќе се оди на проширување на многу булевари, а оние што се од главниот крвоток на градот  -треба да се оспособат. Меѓутоа, инсистирањето на многу нови паркинзи и слично го стимулира користењето сопствени возила и зголемувањето на нивниот број не нè води никаде. Само ќе имаме поголемо загадување. Обратно, пак, со финансиски ефекти, со бавно возење да ги дестимулираме корисниците на возила за да може да се префрлат на градски јавен превоз. Оттука, ја поздравувам оваа мерка што започна со камерите на „Сејф сити“, така што на тој начин полека ќе сфатат дека со добар и организиран градски превоз побрзо ќе стигнат на своето работно место или до својата посакувана дестинација отколку да го користат своето возило, уште и да платат скап паркинг. На крај, кога ќе ја направат математиката, ќе видат дека првата варијанта е поисплатлива отколку оваа вторава – вели Марковски.

Тој смета дека треба општините или државата да им помогне на социјално загрозените семејства со субвенции за да се загреваат на еколошки начин. Што се однесува до дивите депонии, кои се извор на аерозагадувањето, Марковски вели дека мора итно да се регулираат, да не се дозволи да се создаваат нови, а постојните стручно да се решат.

Според него, мерките за регулација на сообраќајот и за поставување филтри на оџаците би можеле да бидат подготвени за следната зимска сезона.

– Поврзувањето на топловодната мрежа оди побавно, но видете, целта е патот. Ние треба да го фатиме вистинскиот пат. Сведоци сме дека не може да се разрешат овие тешки проблеми прекуноќ, но, конечно, треба да видиме акција. Со години и децении зборуваме за загадувањето на градот, а притоа ништо не е преземено. Значи, треба да почнеме, дали ќе решиме сè во една или повеќе години, во еден мандат, тоа е помалку важно ако гледаме дека се подобруваат работите од ден на ден – заклучува Марковски.

Како и во Струмица и во Кичево, каде што завчера беа активирани, алармантните мерки важат и за Скопје. Од Министерството за животна средина бараат од градските и од општинските власти да ги интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А, како и со Б-интегрирана еколошка дозвола, а индустриските инсталации што се со континуиран мониторинг, да овозможат јавен пристап на измерените податоци. Се бара да се прават вонредни контроли на техничката исправност на возилата, особено на оние со дизел-горива и на нерегистрираните возила, како и да се прават вонредни контроли на градилиштата. Министерството забранува горење на отворено.

До работодавците упатуваат препораки да ги ослободат од работните обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака од матичен лекар. Исто така, препорачуваат работодавците да го реорганизираат работното време и лицата што работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот, а се препорачува и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

Од „Зелен хуман град“ упатија апел до скопските градоначалници да нема огномети за пречекот на Нова година.

– Скопје повторно е меѓу најзагадените градови во светот, со енормно високи концентрации на ПМ2,5 и ПМ10-честички. Во вакви услови, секоја дополнителна детонација е директен удар врз здравјето на луѓето и врз животната средина. Како јавни службеници избрани од граѓаните, имате обврска да ги заштитите од загадување, од бучава, од вознемирување и влошување на здравјето, а животните од стрес, паника и од потенцијална смрт. Организирање огномет од јавни пари, по сите научно докажани информации што ги споделивме, е свесна одлука да се игнорира реалноста на штета на сите нас. Штетните политички одлуки не ги плаќаме само со нашите тешко заработени пари, ги плаќаме со најскапоценото – нашето здравје и здравјето на оние што ги сакаме. Јавно ќе ги објавиме имињата на сите скопски градоначалници што ќе се обврзат дека нема да организираат огномет за Нова година. Скопје знае да слави достоинствено – апелираат од „Зелен хуман град“.

ПРЕПОРАКИ ОД ГРАД СКОПЈЕ: Ќе се мијат улиците, да се користи јавен превоз…

И Град Скопје вчера издаде препораки и мерки за заштита на амбиенталниот воздух, кои, во голем дел, се веќе опфатени во алармантните мерки на Министерството за животна средина.

Задолжено е ЈП „Комунална хигиена“ да спроведува зачестено чистење и миење на коловозните површини во надлежност на градот, а општините да постапат аналогно за улиците во нивна надлежност. Исто така, им се препорачува на граѓаните да ги остават возилата дома и да го користат јавниот градски превоз или да се применува принципот на заедничко користење на возилата (car sharing) со повеќе патници. Им се препорачува на граѓаните да користат еколошки грејни тела, а градежната механизација да избегнува движење во периодите на сообраќаен метеж, од 7:30 до 8:30 часот и од 15:30 до 17:00 часот.

– Се препорачува ограничување на престојот на отворен простор, особено кај чувствителните категории население; да се избегнуваат спортски настани на отворено; средните училишта под надлежност на Град Скопје да извршат проверка на состојбата и на функционалноста на прочистувачите на воздух; општините на подрачјето на Град Скопје да спроведат проверка на прочистувачите на воздух во детските градинки во нивна надлежност – се посочува во препораките до населението.

Се бара да се врши контрола на одобренијата за дотур на стока, кои ќе важат во периодот од 18:00 до 7:30 часот наредниот ден, и да се прават вонредни контроли на техничката исправност на возилата во однос на зголемените емисии штетни гасови, во соработка со надлежното министерство.

– Контрола на воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, со насока да се користи обиколницата, во соработка со надлежното министерство. Дополнително, овластените инспектори за животна средина, комуналната инспекција и комуналните редари на градот постојано вршат инспекциски контроли на дивите депонии, стрништата, ораниците за спречување на нивно палење. Изречени се и прекршочни платни налози според Законот за управување со отпад, Законот за амбиентален воздух и Законот за животна средина – велат од Град Скопје.

Градот Скопје, исто така, апелира до граѓаните да не се користат огномети и пиротехника во текот на претстојните празници, со цел заштита на здравјето, животната средина, како и безбедноста на луѓето и на животните.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ