Актерот Александар Микиќ, кој го толкува главниот лик Јеврем Прокиќ во претставата „Народен пратеник“, истакна дека хуморот во оваа претстава е кисел и иако сите се смееме, ни доаѓа да заплачеме. „Нушиќ одлично го има скенирано балканскиот менталитет и предизвик е за еден актер да ја преслика таа реалност, која за жал и по 100 години е непроменета, па затоа и публиката кога се смее, кисело се смее“, рече македонскиот актер пред босанските медиуми во Брчко

Со овации беше наградена претставата на Македонскиот народен театар „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин, која деновиве се изведе во рамките на 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.

Како што соопштија од МНТ, салата била исполнета до последното место, а повеќе од 400 гледачи уживале во изведбата со очигледно воодушевување, наградувајќи ја тимската актерска игра со неколкуминутен стоечки аплауз и со овации, што создало силна емотивна врска меѓу сцената и публиката.

Притоа, голем број новинари покажале интерес за македонските актери, кои во низа интервјуа споделиле впечатоци за претставата, за творечкиот процес и за учеството на фестивалот во Брчко. Селекторот на годинашните театарски средби „Брчко Дистрикт“, актерот и режисер Ирфан Менсур, пак, ја вклучил претставата во официјална селекција на фестивалот, со зборовите дека таа е „значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.

„Беше голема чест, задоволство и одговорност, МНТ да настапи пред исклучително сензибилизирана и културна публика, која препознава и вреднува вистинска уметност. Реакцијата по претставата, стоечките овации и аплаузот се потврда дека театарот не само што живее туку и силно комуницира, поврзува и обединува. Искрена благодарност до организаторите за извонредниот прием и топлото добредојде, како и до Ирфан Менсур – човек со визија, почитуван уметник, кој со својата уметничка интуиција го препозна потенцијалот на „Народен пратеник“ и даде простор оваа претстава да проговори и во еден поширок регионален контекст. Честа да бидеме дел од селекцијата под негова палка, за нас е поттик за понатамошна работа и развој. Посветеноста на нашите актерски ветерани: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска…  направија тој силен сценски јазик, публиката да го прими со отворено срце“, изјави директорот на МНТ, Никола Кимовски на прес- конференција за тамошните медиуми.

Александар Микиќ, пак, кој го толкува главниот лик Јеврем Прокиќ, истакна дека хуморот во оваа претставата е кисел и иако сите се смееме, ни доаѓа да заплачеме. „Нушиќ одлично го има скенирано балканскиот менталитет и за еден актер е предизвик да ја преслика таа реалност, која за жал, и по 100 години е непроменета, па затоа и публиката кога се смее, кисело се смее“, рече македонскиот актер.

Ликот на Даница го игра Дарја Ризова, кој е метафора на младешката бунтовност.

„Имавме одлична соработка со Савин, режисер кој прецизно знае да ги води актерите низ процесот на подготовки. Ликот на Даница е гласот на разумот и отпорот, таа е огледало на оваа млада и бестрашна генерација, која има морален светоглед и која бунтовно се спротивставува на сè она што е нечесно“, изјави Ризова пред босанските медиуми.

„Народен пратеник“ е безвремена комедија на Нушиќ, што се издвојува со јасна режисерска визија и прецизно структурирана сценска динамика. Преку интелигентна и колективна актерска изведба, претставата создава современ театарски израз, кој ја истакнува актуелноста на Нушиќевиот текст и го поставува во контекст што силно одекнува и денес. „Народен пратеник“ е приказ на паланечкиот менталитет и атмосфера во услови на избори за народен пратеник. Драмата, напишана во 1883 година, се објавува дури четириесет години од пишувањето, односно печатеното издание се појавува во 1924 година.

Во актерската екипа покрај Микиќ, Ризова, Михајловски, Симонов, Кочовска настапуваат и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили. Нивната сценска кохезија создава жив, ритмичен и автентичен театарски јазик, кој ја спојува традицијата со современата сценска мисла.

Претставата ова лето ја доби специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра во Нови Сад, а веднаш потоа беше изведена и на сцената на Народно позориште во Белград. По настапот во Брчко, „Народен пратеник“ продолжува со своите фестивалски настапи и ќе гостува во Србија, во рамки на фестивалот „Борини позоришни дани“ што ќе се одржи во Врање од 21 до 28 октомври.

Грчкиот режисер Емануел Контантинидис со работилница „Левијатан“

Неодамна, МНТ стана дел од најпрестижната театарска мрежа – Европската театарска конвенција (ETC), која обединува 63 театри од 31 земја. Со ова членство, МНТ се приклучи кон семејството на најголемите и највлијателни театри во Европа, со отворени врати за копродукции, размена на претстави, резиденции на уметници и нови европски проекти. Првиот резултат е уметничката резиденција на грчкиот актер и режисер, Емануел Константинидис, кој ќе престојува во Скопје сè до 15 ноември. Притоа тој ќе одржи петдневна перформативна работилница под наслов „Левијатан: Студија за суштества и апсурдот“. Работилницата е наменета за актери, танчари, перформери и други уметници и ќе се одржи во МНТ од 21 до 25 октомври.

ИЗДВОЕНИ