Пред публиката во полната сала на Македонската опера и балет, Кичевска-Шокаровска, со својот брилијантен настап како Ема Бовари, го покажа најдоброто, предизвикувајќи воодушевување кај присутните. Нејзиниот неповторлив настап, во кој преку игра на сцената ги долови сите емоции вткаени во приказната, публиката го награди со долг аплауз и со стоечки овации
Македонската примабалерина Марија Кичевска-Шокаровска вчеравечер брилираше во улогата на Госпоѓа Бовари во истоимената балетска претстава, која премиерно беше одиграна на сцената на Македонската опера и балет во чест на нејзината 25-годишна кариера. Маестрално изработени креации, префинетост во изразот, совршена техничка подготвеност, суптилна грациозност и елеганција во движењата… Ова се само дел од епитетите со кои се опишуваат нејзините настапи од страна на стручната фела и од критиката, но во премиерната изведба на „Госпоѓа Бовари“ таа едноставно беше неповторлива.
Пред публиката во полната сала на МОБ, Кичевска-Шокаровска, која остави длабок белег во историјата на македонскиот балет со своите енергија, емоција и посветеност, го покажа најдоброто. Таа предизвика воодушевување кај присутните, кои го наградија нејзиниот настап во насловната улога на Ема Бовари со долг аплауз и со стоечки овации.
Самата примабалерина Кичевска-Шокаровска, во интервјуто за весникот ВЕЧЕР пред изведбата, посочи: „Кога ќе помислам на сите моменти поминати на сцена, ме обзема чувство на неизмерна среќа и задоволство. Сега, го прославувам целиот тој труд со една преубава улога и претстава“.
И токму балетската претстава „Госпоѓа Бовари“, врвот на една балетска кариера полна со бројни успеси и признанија на сцените во светот, а која публиката ќе може да ја види и на 27 јуни, е она вистинското од Марија Кичевска-Шокаровска. Изведба што секогаш со задоволство ќе биде проследена од љубителите на балетската уметност.
Ова балетско дело, поставено во два чина, ја раскажува драмата на женската душа, копнежот по страста, слободата и трагичниот судир со општествените норми, а Марија Кичевска-Шокаровскаа и ансамблот, заедно со другите солисти, со својот двочасовен танц на сцената, ги доловија сите емоции што ги носи оваа безвременска приказна на Гистав Флобер.
Аплаузите вчеравечер беа наменети и за: Франциско Хименез Руиз, кој настапи како (Шарл Бовари); Балаж Лочеи, кој ја толкуваше улогата на Рудолф Буланже; Дмитро Чеботар како трговецот Лере и Ендру Кук како аптекар, но и за балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет. Секако, и за диригентот Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографот Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го долови духот на 19 век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и на Г. Ф. Хендл. Посебна магија на целата претстава ѝ дадоа и раскошните сценографија и костимографија на Андреј Злобин и на Гана Ипатиева од Украина. (Д. Т.)