Ирските власти ја обновија програмата „Нашите живи острови“ на крајот на јуни. Иницијативата, започната во 2023 година, е предвидена да трае до 2033 година и има за цел борба против депопулацијата преку мерки како што се парични стимулации за луѓето кои се преселуваат на еден од 23-те ретко населени острови во земјата.
Апликантите не мора да бидат ирски државјани за да аплицираат за стимулацијата. Сепак, заинтересираните мора да имаат право да живеат во земјата, во согласност со постојните правила за виза.
Достапните острови ги вклучуваат Аран, Клер, Дарси, Иништурк, Инишбофин и Бер, меѓу другите. Вкупно, 23-те острови опфатени со програмата имале комбинирано население од само 2.734 жители, според податоците од 2016 година. Местата се познати по нивната прекрасна и рустична крајбрежна линија, а некои од нив служеле како локации за снимање на филмот номиниран за Оскар „Духовите на островот (The Banshees of Inisherin).
Целта на програмата е да се обезбеди опстанок на „живи и одржливи заедници“ на островите. Исто така, програмата има културна и економска функција – придонесува за зачувување на културното наследство, разновидноста на локалните економии, подобрување на инфраструктурата и домувањето во тој дел од земјата.
Финансиските стимулации се наменети за реновирање на куќите што се купени на островите. Како и со програмата „куќи за 1 евро“ во Италија и Франција, куќите на оддалечените ирски острови се во лоша состојба и бараат реновирање.
Секој бонус мора да се инвестира во станбен имот – не важи за викендички или куќи за одмор. Купувачите на недвижен имот на островите мора да се обврзат да живеат во него како нивно главно живеалиште или да го направат достапен за долгорочен изнајмување во соработка со локалните власти.